Геопаркот Кратово-Злетово-Лесново ќе го прероди регионот
Штип – Словенија, Хрватска, Романија, Грција имаат по два, односно три геопаркови кои се под заштита на УНЕСКО и кои во значителна мера помогнаа во развојот на туризмот кај нив. Нашата држава е на праг да го добие првиот геопарк. Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип на јавен тендер објавен од Источниот плански регион ја доби довербата да изработи студија (досие) за геопарк (геолошки парк) Кратово-Злетово (Лесново). Проценките се дека овој геопарк може значително да го прероди подрачјето во двете недоволно развиени општини, да стане магнет за домашните, но и за туристите од разни делови на Европа и светот.
Раководител на проектот е д-р Соња Лепиткова, професор на Факултетот за природни и технички науки, со која разговараме за посебностите на овој проект.
„Во рамките на стратегијата за природните посебности на Источниот плански регион се роди и идејата за геопаркот ‘Лесново’, бидејќи со стратегијата беа препознаени спецификите на кратовско-злетовската вулканска област и на Лесново како посебен рецентен сочуван кратер со извонредни посебности препознаени на Балканот, но и во пошироки рамки. Се работи за подрачје пребогато со петролошки, геоморфолошки и минеролошки карактеристики специфични за тој простор и за тој регион, па оттука и идејата за геопаркот. На студијата и на досието работи поголем тим од професори на нашиот универзитет, а документот ќе биде доставен до УНЕСКО, по што следуваат специфични процедури на евалуација со познати имиња од Европа и светот кои работат на оваа проблематика, за овој простор да може да стане дел од мрежата на светските геопаркови“, вели Лепиткова.
Изработката на студијата е при крај и таа треба да биде доставена до почетокот на јули, а до ноември треба да биде готово и досието.
„Земјите што имаат геопаркови добиваа по десет, дваесет и триесет милиони евра за нивна реализација, како грантови од фондовите на Обединетите нации и на ЕУ за да можат заштитените подрачја да ги развијат до ниво да станат исклучително интересни за туристите, но и за граѓаните што живеат во тие подрачја. Искуствата се повеќе од позитивни, а нашата држава има многубројни и квалитетни предиспозиции преку една ваква структура да го развива туризмот на овие подрачја“, посочува Лепиткова.
Сега преку студијата и досието, научниот тим на УГД треба да ги докаже спецификата и посебноста на сето она што се предлага како дел од геопаркот.
„Во рамките на овој парк ќе влезат две подрачја кои нашето законодавство ги има заштитено со закон. Тоа се споменикот на природата, Куклици и Плочи литотелми каде што УНДП финансира одделни активности, каде што се направи инфоцентар и се огради просторот, а програмите на ОН почнаа со финансиска поддршка на определени проекти преку инфраструктурно уредување, разубавување и зголемување на интересот кај странските туристи. Во геопаркот влегуваат пештерите, манастирите, геоморфолошките форми, археолошките наоѓалишта кои се многубројни, старите форми на рударење, тука ќе влезе музејот на ретки минерали кој годинава ќе се гради во Пробиштип, геологијата на просторот која е една од најстарите вулканизми на стариот континент, една уникатна и доста сочувана структура, тука се Бабакарините Водопади видливи од легендарниот Радин мост во Кратово, скаменетите лави над Горно Кратово кои се стари милиони години, но се исклучително сочувани, а изгледаат како денес вулканизмот да застанал таму. Тука е и Раткова Скала каде што ќе се гради видиковец и од каде што се подава неверојатен поглед на сите четири страни, водотеците по кањонот на Злетовска Река, езерото Кнежево, посебен акцент ќе се даде на Камените Реки, одредени биодиверзитети карактеристични за подрачјето… Ние знаме дека по течението на Злетовска Река, откако се изгради браната Кнежево, се вратија некои форми на живот, кои беа изумрени со честото пресушување на реката“, вели Лепиткова.
Всушност, на едно релативно мало подрачје можат да се видат многу уникатни форми на живот сврзани со тој вулканизам. Лепиткова вели дека во студијата ќе биде даден одговор на прашањето зошто брезата во атарот на селото Шлегово ја има на определена надморска висина, зошто на определени места се јавуваат дабови шуми со посебни карактеристики какви што ги нема на друго место. Во студијата ќе има простор и за целата петрологија, при што ќе се даде одговор на прашањето зошто тука, над Горно Кратово и Осоговските Планини, медот е толку уникатен и зошто е уникатноста на млекото и млечните производи. Кај селото Неокази, каде што Киселичка Река се влева во Злетовска Река, во делот на Кратово и Злетово, постојат стари рударски јами кои се од времето на антиката, а сето ова научниот тим на УГД ќе мора да го објаснува и брани пред експертите на Обединетите нации.
Лепиткова смета дека геопаркот ќе биде нова, голема прилика за економски развој на регионот, особено на туризмот, транспортот, услужните дејности, а Штипскиот универзитет во сета оваа работа го препознава и своето место, зашто геопарковите бараат високо ниво на знаење.
„Всушност, целата наша држава има уникатна геолошка градба со многу специфики, па треба да се работи и на геопарк за регионот на Кожув, каде што е светски познатиот рудник Алшар, како и во Мариово“, вели Лепиткова.
Иван Бојаџиски