Генералот Сергеј Суровикин е ослободен по смртта на Пригожин
Генералот Сергеј Суровикин, кој беше приведен по бунтот на основачот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, е ослободен, изјавија за „Њујорк тајмс“ двајца американски функционери и извор од руското Министерство за одбрана.
Според нив, високиот воен офицер, кој претходно командуваше со руските трупи во Украина, бил ослободен од притвор неколку дена откако Пригожин загина во авионска несреќа на 23 август. И покрај тоа, останува нејасно дали има некакви ограничувања за движењето на генералот или други ограничувања од надлежните, додаваат соговорниците.
Според нив, Суровикин сè уште го задржува својот чин и технички сѐ уште е воен офицер, но „тој повеќе нема никакви изгледи за кариера“.
Суровикин, кој се сметаше за сојузник на Пригожин, исчезна од очите на јавноста откако водачот на платениците се спротивстави на руското воено раководство и најави „марш кон Москва“ на 23-24 јуни. Генералот однапред знаел за бунтот, и покрај фактот што на почетокот на овие настани, неговата видео-порака се појави на Интернет во која ги повикува „вагнеровците“ да се повлечат, тврдат американските власти.