Генерал-мајор Аленка Ерменц, прва жена началник на ГШ на словенечките вооружени сили


Словенија прва од земјите членки на НАТО назначи офицер жена за водач на армијата. Генерал-мајор Аленка Ерменц е началник на Генералштабот на словенечките вооружени сили. Во интервју , генерал-мајор Ерменц, нагласува дека во врска со фактот дека има значително повеќе мажи отколку жени во војската, жената навистина мора да се докажува малку повеќе. Но, истакнува, постои само еден рецепт – да се следат своите верувања со напорно работење, професионално и со посветена работа.

Колку труд треба да се вложи за да се оправда дадената доверба за прва жена на чело на вооружените сили не само во Словенија, туку и во сите земји-членки на НАТО ?

– Да се биде началник на Генералштабот на вооружените сили се разбира дека е исклучително тешка задача и бара целосна посветеност. Овде човек може да се стекне со долгогодишно професионално и животно искуство, како и образованието и обуката која е потребна да се заврши војската и да се искачи на хиерархиската скала во војската. Исто така, е важно да се докажете во најдобро светло во секојдневната работа во единиците, мисиите и вежби. Сето ова погоре кажано е задолжително без оглед на полот. Сепак, во врска со фактот дека има значително повеќе мажи отколку жени во војската, жената навистина мора да се докажува малку повеќе. Но, постои само еден рецепт – да се следат своите верувања со напорно работење, професионално и со посветена работа.

Вие претставувате пример за да ги охрабрите и инспирирате жените во светот за тоа дека војската не е само машка професија, во која само тие може да успеат. Што мислите во врска со ова?

Привилегија е ако мојата кариера може да послужи како инспирација за жените. Сепак, од суштинско значење е да се каже дека компетенциите на поединците се единствениот фер и точен критериум што треба да се примени во воената кариера.

Кои Ви беа предизвиците досега за сите години во Армијата, а кои сега како прв човек на словенечката Армија?

Мојата кариера, како и многу други, е обележана со предизвици. Од формирањето на вооружените сили на Република Словенија, преку нејзините транзиции и трансформации, до полноправното членство во НАТО, отсекогаш сум давала сѐ од себе. Работев на голем број одговорни работни позиции, дома и во странство, можам да именувам неколку, началник на Одделот за персонал во седиштето на КФОР,  Заеднички сектор за операции. Секоја од овие позиции вклучуваа нов и комплексен збир на предизвици, особено во организација која е многу традиционална и многу отпорна на значајни промени. Како напредувате во својата воена кариера така се соочувате со по потешки предизвици. На позицијата началник на Генералштабот, предизвиците се поголеми од кога било досега. Секоја одлука директно или индиректно влијае, не само на членовите на вооружените сили, но и на општеството, па дури и НАТО алијансата. Предизвиците со кои се соочуваат нашите вооружени сили се слични на оние во повеќето НАТО земји членки. Во таа смисла, тоа е одговорност на главниот кој носи одлуки во рамки на вооружените сили ресурси – финансии, персонал, материјал.

И тука, мора да се каже дека чувството за достигнување кога успешно се справувате со предизвикот, ги надминува потенцијалните негативни аспекти на тој процес.

Како Ве доживуваат дома и надвор на средбите со Вашите колеги?

Дома, моите колеги се навикнати да ме гледаат наоколу, бидејќи сум во униформа веќе речиси 30 години. Исто така во други вооружени сили, не е невообичаено да се видат жени на високи позиции. Сепак, вистина е дека јас сум првата жена-началник на Генералштабот. Ова доби голем публицитет во светот. Сепак, јас не се занимавам со тоа. Она што е важно е работата што ја работам. Сепак, со нетрпение очекувам уште еден женски висок офицер која би превзела слична позиција во блиска иднина.

Каква е соработката со нашата Армија? Во кој дел се одвива најтесната билатерална соработка, дали е модернизација на опремата, обуки…

Со посетата на ниво на началници на одбраната, Словенија ја демонстрира својата цврста поддршка на амбициите на Република Северна Македонија. Членството во Алијансата бара соодветен развој на сите нивоа што ги споменавте. Бидејќи Словенија е членка на НАТО веќе 15 години, претставува чест да биде во можност да ја искористи нашата билатерална соработка за споделување искуства што ги стекнавме за време на пристапувањето во НАТО и нашите активности како членка на НАТО. Ова е дополнително поддржано од нашите членови кои работат во седиштето на НАТО во Скопје. Се надеваме и веруваме дека нашите совети и искуства се корисни. Друга важна област на соработка е секако обуката. Од големиот број активности кои се спроведени во оваа област, можам да споменам дека припадниците на словенечките вооружени сили обезбедија обука за вашата земја и вашите официри присуствуваа на курсеви на командното и штабно училиште на вооружените сили на Словенија. Контактите кои се воспоставени преку такви обуки се непроценливи и исклучително важни во остварувањето на нашата мисија.

Разговаравте ли за време на средбите за поголема процентуална застапеност на жените во нашата Армија, Вие како мотив и пример? Ние имаме жена министер за одбрана Радмила Шекеринска.

Ние ја споменавме оваа тема, иако не беше главен фокус на нашата разговори. За време на разговорите, јас го потенцирав и значењето на Резолуција 1325 на Советот за безбедност на Обединетите нации, која повикува на усвојување родовата перспектива, како и важноста на нејзината имплементација во рамки на вооружените сили. Исто така го истакнав фактот дека словенечките вооружени сили нудат еднакви можности за доделување на сите должности, без оглед на полот.

Зошто последната Ваша посета и средби на ГШ на Армијата не беше транспарентна?

Ние не чувствувавме дека е така. Целата посета беше реализирана на високо професионално ниво и на конструктивен и пријателски начин.

Аленка Ерменц дипломирала на Факултетот за општествени науки во Љубљана и на Кралскиот колеџ за воени науки во Лондон. Во 2009 година завршила постдипломски студии на Универзитет во Лондон.

Во словенечките вооружени сили, Ерменц е веќе 27 години. (МИА)