Генерал Дворников во април беше поставен да ја води руската армија во Донбас. Изгледа дека и тој е веќе сменет
Во април, извори на Би-Би-Си објавија дека командата на руските трупи стационирани во Украина му била предадена на генералот на армијата Александар Дворников, кој раководи со Јужниот воен округ. Тогаш беше забележано дека овој генерал „има големо искуство во операциите во Сирија“.
Според извори на „Њујорк тајмс“, Дворников, откако ја презел командата, се обидел да ја подобри координацијата на дејствата на руските копнени и воздушни единици.
Сепак, според воените експерти со кои разговарал весникот, системските недостатоци на руската армија се „длабоки и фундаментални“ и невозможно е да се поправат за неколку недели. Конкретно, тие сметаат дека во руската армија на најниско ниво нема кој да носи независни одлуки. Во западните земји оваа улога ја преземаат подофицери кои имаат соодветна обука и овластување. Во руските вооружени сили, рече изворот од Пентагон, сè уште е организирано според истите принципи како во времето на советската армија, кога сите команди се даваа одозгора.
„Новата тактика на генералот Дворников, рестартирање на командата и контролата за да има одлучувач, беше во ред или соодветна“, изјави за „Њујорк тајмс“ генералот Филип Бридлав, поранешен командант на американската европска команда и врховен командант на сојузничките сили на НАТО во Европа. Сепак, додаде тој, „дури и на нашата армија ќе ѝ биде тешко да се реорганизира за две недели откако ќе добие толку добар ќотек“.
Руските трупи, според Бридлав, биле пребрзо фрлени во битка во Донбас. Тој сугерира дека таквата одлука „дојде од Москва“.
Евелин Фаркаш, која го предводи тинк-тенкот Институт Мекејн, истакнува дека, според западните разузнавачи, рускиот претседател Владимир Путин сѐ повеќе лично се вклучува во донесувањето тактички одлуки во врска со акциите на руските трупи во Украина. „Знаеме дека вмешување на претседател во поставувањето цели и оперативни тактики е рецепт за катастрофа“, додаде таа.
Дали Дворников продолжува да командува со руските трупи во Украина не е познато. Од средината на мај, пишува „Њујорк тајмс“, нема извештаи каде се наоѓа тој. Истражувачкиот центар ЦИТ на 26 мај објави дека командата на руските трупи во битката за Донбас, според некои извештаи, била префрлена на заменик министерот за одбрана, началник на Главната воено-политичка управа на вооружените сили, генерал полковник Генадиј Жидко. Не е можно да се потврди или негира оваа информација. Официјално руските власти не го ни објавија назначувањето на Дворников.