Генчовска уште еднаш ги обвини советниците на Петков дека ја минирале бугарската позиција
Еден ден по визитата на Битола и отворањето на културниот клуб на Бугарите, министерката за надворешни работи се врати на својата претходна изјава дека советниците на премиерот Кирил Петков имале позиција различна од официјалната на Софија. Зборувајќи за БТВ, Теодора Генчовска рече дека „официјално нема две политики за Северна Македонија, но тоа е чувството“. Таа вели – „Немаме несогласувања со премиерот, но на пониско ниво се работи на различни текстови, МНР не излегува од рамковната позиција, туку тоа го прават советниците на премиерот“.
Генчовска додава: „Надворешно-политичкиот тим на премиерот се движи во насока да дозволи почеток на преговорите, заобиколувајќи ја оваа рамковна позиција. На нашите средби со претставниците на ЕУ, разговорот се движи во насока дека работите се речиси договорени и се работи за укинување на вето“.
Официјално, Бугарија е на позицијата дека нема да дозволи Северна Македонија да ги започне преговорите за членство во ЕУ додека не се прекинел наводниот говор на омраза против Бугарија и Бугарите, не се расчистат историските спорови и Бугарите не бидат запишани во Уставот како малцинство. Тоа значи дека спорот би можел да трае со години.
Министерката за надворешни работи ја повтори фразата која станува флоскула во Софија: „Сакаме Северна Македонија што поскоро да стане членка на Европската унија, тоа е наш голем интерес“, но во основа уцената на Бугарија ја оддалечува Македонија од ЕУ.
Претходно денеска, Тошко Јорданов, претседател на пратеничката група на Има таков народ, рече дека партијата има докази, вклучително и документи, дека премиерот Петков го заобиколил рамковниот договор со Македонија. И дека неговата партија нема да дозволи Македонија да ги почне преговорите со ЕУ до крајот на француското претседателство.