Генчовска отиде и во ВМРО-ДПМНЕ да го чуе ставот на Мицкоски


 

Бугарската министерка за за надворешни работи, Теодора Генчовска, за време на дводневната посета на Скопје е во мисија да чуе што повеќе ставови околу ветото на Софија па затоа се сретна и со лидерството на ВМРО-ДПМНЕ. Со неа разговараа претседателот Христијан Мицкоски, потпретседателот Тимчо Муцунски, меѓународниот секретар Стефан Андоновски и членот на Извршниот комитет и портпарол Марија Митева.

Според соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, на средбата се разговарало за актуелната политичка состојба и предизвиците на Македонија во процесот на европска интеграција. Мицкоски ја истакнал загриженоста за европската интеграција на Македонија и побара да се отворат преговорите без условувања.

Мицкоски посочил дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати договор кој е резултат на преговори во кој не учествува најголемата политичка партија ВМРО-ДПМНЕ и преговори кои се на штета на македонскиот народ и неговиот идентитет. Тој ѝ рекол на Генчовска дека сегашната влада нема легитимитет да преговара и да ги нарушува македонските преговарачки позиции. Мицкоски порачал Бугарија да го тргне ветото без одложување и пристапните преговори да започнат што поскоро низ призма на европските вредности и критериуми, соопштува партијата.