Генчовска ја исправа Бербок: Позицијата на Софија е непроменета


Теодора Генчовска

 

Откако вчера германската министерка за надворешни работи изјави дека ЕУ мора во првата половина од годината да ги почне преговорите со Македонија и Албанија, особено поради ситуацијата во Украина, бугарското министерство за надворешни работи неколку часа подоцна ја дообјаснуваше позицијата на Софија.

Аналена Бербок во Луксембург, каде што се состанаа министрите за надворешни работи на ЕУ, изјави дека имала средба со бугарската колешка Теодора Генчовска и дека разговарале за конечно да се одобри преговарачката рамка за Македонија и Албанија.

„Ова е задоцнет чекор и штотуку имав разговор со шефицата на бугарската дипломатија и се согласивме дека е важно во сегашната ситуација да започне овој процес на проширување. И многу се надевам дека Бугарија може и ќе ги расчисти спорните точки“, рече германската министерка Бербок.

Во реакцијата на бугарското МНР се наведува дека имало „дезиинформации во медиумите“. „Во врска со дезинформациите во медиумите, МНР категорично наведува дека бугарската позиција за евроинтеграциите на Република Северна Македонија останува непроменета“ и дека Софија останува на позициите од рамковната позиција на Собранието и седницата на Консултативниот совет кај претседателот Румен Радев. Министерството наведува дека Генчовска го реафирмирала тој став на средбата со Бербок и дека Софија очекува уставни гаранции за правата на Бугарите во Македонија.

„Водечки за бугарската страна се резултатите, а не посветеноста на конкретни рокови“, вели бугарското МНР.

Медиумите во Софија наведуваат дека се зголемува притисокот Македонија за неколку месеци да ги започне преговорите со ЕУ, но ситуацијата во бугарската коалициска влада е прилично непредвидлива. Министерката Теодора Генчовска е кадар на Има таков народ, а партијата на Слави Трифонов е остро против да се дозволи Македонија да ги почне преговорите со ЕУ, па макар за тоа и паднала владата, ако Скопје не ги исполни условите на Софија. Друг жежок камен е изборот на гувернерот на централната банка во која Има таков народ и „Продолжуваме со промената“ на премиерот Кирил Петков се во остра расправија. (Н.В.)