Геци: Стравувам за животот по сослушувањето на Тачи во Хаг


Поранешниот член на косовското собрание, Гани Геци, на неговиот профил на Фејсбук соопшти дека животот му е во опасност по сослушувањето на претседателот Хашим Тачи пред Хашкиот трибунал за воени злосторства, соопшти денеска „Газета експрес“.

Геци на Фејсбук објави видео порака во која наведува дека добил информации од Брисел и од пријателските земји дека неговиот живот е во опасност.

Тој изјави дека сакал да сподели некои информации со косовските граѓани бидејќи, како што рече, синоќа околу 18 часот бил повикан од некои лица од Европската унија, Брисел и Холандија.

Според него, откако Тачи бил сослушан, Брисел имал информации дека неговиот живот е во опасност и му било препорачано да биде внимателен.

Во септември 2018 година, Гани Геци јавно го обвини Хашим Тичи дека наредил атентат врз поранешниот министер за одбрана, Бујар Букоџи, додека бил во егзил, како и врз Ахмет Красниќи, чии остатоци се погребани во Приштина 20 години по убиството во 1998 година во Тирана, објави Косово онлајн.