Газпром се закани дека ќе ја намали испораката на гас во Европа


Испораките на гас од Германија за Полска преку гасоводот Јамал-Европа значително се зголемија денеска, според операторот на гасоводот Gascade, додека испораките на руски гас за Европа преку Украина беа стабилни.

Резервациите на капацитетите на Јамал за испорака на гас од Германија во Полска покажаа од осум до девет часот наутро по средноевропско време испорака на 5.961.076 киловат часови гас на час, покажуваат податоците на мерното место Малноу на германско-полската граница.

Тоа би значело дека тие се зголемени за 45,4 отсто во однос на раните утрински часови.

Резервациите за капацитет за испорака на руски гас за Словачка преку Украина преку граничниот пункт Велка Капушани покажаа испораки од 41,7 милиони кубни метри, наспроти вчерашните 40,5 милиони кубни метри, покажуваат податоците на украинскиот транспортен систем.

Руски Газпром соопшти дека денеска ќе испорача 42,1 милиони кубни метри гас во Европа преку Украина, слично како и во изминатите неколку дена.

Компанијата во вторникот предупреди дека би можела да ја намали испораката преку Украина бидејќи верува дека задржува дел од гасот наменет за Молдавија.

Газпром повеќе не испраќа гас во Германија преку Северен поток 1 преку Балтичкото Море, бидејќи гасоводот беше сериозно оштетен во експлозија на крајот на јули. Се сомнева дека има саботажа и е покрената истрага, но Норвешка, Шведска, Данска и Германија не ги објавија резултатите.