Гасификацијата на сите општини ќе чини околу 350 милиони евра


Гасифицирањето на сите општини во државата ќе чини околу 350 милиони евра, најави денеска Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Тој забележа дека ова се првични проценки и анализи, а на тендерот кој го распиша Министерството за економија интерес пројавија две компании. 

-Приватни партнери коишто ќе работат на оваа проблематика заедно со државата, со општините со цел да имаме уште еден паралелен енергенс и со тоа да ги намалиме сметките на граѓаните, на компаниите, на нашите институции, на градинките, на школите, на општините и на сите останати институции. Со тоа ќе бидат поконкурентни сите наши институции, ќе бидат поконкурентни нашите домашни компании и секако ќе имаме почиста и поздрава животна средина за граѓаните, рече Бочварски.

Во моментов за секундарната гасификација се подготвени две општини Штип и Крива Паланка, кои ја имаат документацијата, а повеќе општини работат и ја очекуваат. Општина Штип денеска ја доби комплетната техничка документација, која како проект ја започна министерот Бочварски, а поранешен градоначалник на Штип.

-Во тек преку Министерството за економија и очекувањата се дека првиот квартал од 2021 година ќе имаме веќе извесност во однос на тоа која фирма ќе биде концесионер, односно приватен партнер преку процесот на јавно приватно партнерство кое што ќе влезе и ќе ги гасифицира нашите градови, но важно е да општините бидат подготвени и драго ми е што еве денеска сум информиран од градоначалникот дека проектите коишто беа започнати денеска се веќе готови и тоа е уште една потврда за капацитетноста на општините да работат на своите приоритети, а притоа државата да ги следи сите овие процеси и процедури и драго ми е што повеќе општини веќе се подготвуваат на ова прашање и во 2021 година да очекуваме да започне веќе гасификацијата на градовите со што оние општини коишто имаат проектни документации секако ќе имаат предност во однос на гасифицирањето, а сите други имаат мегдан да ги подготват своите технички документации, вели Бочварски.

Вршителот на должност градоначалник на Општина Штип, Јане Миланов рече дека техничката документација или трите проекти за секундарната гасификација на Штип чинеле околу 2.600.000 денари.

 –Станува збор за три проекти, основен, идеен и инфраструктурен проект и со ова сме чекор поблиску до остварување на онаа желба на граѓаните на Штип, за гасификација на градот. Тоа е наше ветување коешто практично го реализираме, рече Миланов.

Министерот за транспорт и врски, Бочварски очекува во 2021 година да заврши кракот кон Битола и кракот кон Гостивар, а паралелно со тоа веќе се работи преку Национални енергетски ресурси на проектирање на гасоводот кон Косово и проектирање на гасоводот и поврзување со Грција.

-Секако проектирањето на гасоводот кон Велес исто така е значаен со крак и проектирањето на гасоводот од Гостивар кон Кичево. Целта е да се затвори целиот прстен од Битола кон Охрид и од Кичево кон Охрид со што ќе бидеме поврзани целата земја со овој прстен и ќе бидеме поврзани на два доводи на гас и од Грција и од исток од Бугарија. Така што државата ќе биде транзитна земја, ќе имаме конкурентни цени на гасот заради тоа што преку нас, преку територијата на нашата држава ќе се снабдуваат и Косово, веројатно и Црна Гора во иднина доколку има таква потреба со гас, така што ова е многу важно прашање, вели Бочварски.

Посочи дека цените ќе бидат пониски заради тоа што транзитноста на проектот којшто е проектиран вака како што е поставен е битен параметар и сегмент за конечната и крајна цена на проектот.