Гаши за Кочани: Јавниот збор е должност, но никогаш не бил волку тежок!
Оваа трагедија е последниот аларм за сите политички и општествени чинители да се вратиме кон самите себе и кон нашата човечност, рече Гаши на комеморацијата
Стојам тука пред вас со длабоко чувство на тага и тежок товар на одговорноста.
Со овие зборови претседателот на Собранието, Африм Гаши, ја започна комеморативната седница за 63-те загинати во пожарот во Кочани, која по една година политички натегања и надмудрувања, за да се избегне одговорноста, конечно се одржа. На ложата во пленарната сала беа преставници на семејствата на загинатите, а мешу пратениците беа и претседателката Гордана Сиљановска Давјкова и премиерот Христијан Мицкоски. Добар дел од говорот Гаши го посвети на објаснувањето зошто и требаше толку време на владеечката елита да се соочи со трагичните последици од нефункционирањњето на институциите токму тука – во Собранието, каде што се прават законите. Во говорот Гаши сепак стави акцент на болката на семејствата и на загубата на сите од изгубените соништа на толку млади луѓе.
„ Некои ноќи завршуваат рутински, некои ноќи завршуваат оставајќи спомени, но има и такви што никогаш не завршуваат. Постојат утра што будат надеж, но има и мрачни утра што ја гасат надежта и предизвикуваат само болка. Такво утро беше 16 март 2025 година. Ноќ која започна со забава, а заврши со плач, рани и болка што длабоко продре во срцето на целата држава.Таа ноќ Кочани и Македонија изгубија дел од својата иднина. Таа ноќ заедно со животите на 63 млади луѓе, со себе ги однесе и соништата и плановите што штотуку почнаа да се градат. Дури и по една година тешко е да се изберат, а уште потешко е да се изговорат зборови. Тие секогаш изгледаат недоволни за да го изразат она што човек го чувствува. Јавниот збор е должност, но тој никогаш досега не бил толку тежок“, рече Гаши во говорот.

Солзите на родителите во Кочани, рече тој, зборуваат повеќе од кој бил збор, на било политичар. Според него, оваа комеморативна седница не е само институционален формализам туку заедничко поколнување пред тие што ја носат тежината од овој настан. „Може да се направат грешки во политиката, но важно е таа да не се претвори во грев“, додаде Гаши пред да ги објасни мотивите зошто досега не се одржа ваков настан, лоцирајќи ја причината во несакањето дополнителна да се отвори оваа рана и настанот да биде искористен за политички и други цели од некои, што не ги посочи директно.
Тој потоа го истакна хуманизмот и солидарноста што ја демонстрираа граѓаните по настанот, како и меѓународната заедница. „Во најтемните денови за земјата ја видовме и најсветлата страна на општеството“, заклучи Гаши, споменувајќи дека видовме лекари и медицински сестри што работеа деноноќно за да спасат некој живот, видовме пожарникари што не се штедеа себеси за да извлечат некого и дека притоа оваа солидарност немаше ниту политички, ниту етнички, ниту верски бои немаше оваа солидарност.

„Оваа седница е свикана за да се потсетиме, но и за да размислиме. Трагедии како оваа покажуваат дека одговорноста на институциите е поголема отколку што замислуваме, а правдата е поважна отколку што очекуваме. Правдата не треба да биде ниту пребрза ниту задоцнета. Само правдата и вистината можат да донесат мал спокој за семејствата и за општеството“, порача Гаши повикувајќи да се лоцира точно одговорноста за изгубените животи поради направените пропусти.

Потоа проговори за загубата на општеството, посочувајќи дека меѓу оние што ги изгубивме „имаше уметници што го години ја осветлуваа сцената“, имаше фудбалери и многу други чии потенцијали никогаш нема да ги дознаеме.
„Песната на ДНК „Ако утре ме нема“ денес добива поинакво значење. За некои од оние што пееја – утрешниот ден навистина не дојде. За другите дојде – но без оние што ја пееја. Споменот на жртвите од Кочани треба секогаш да живее во нас, кога родител ќе го прегрне своето дете, кога институција ќе постапува одговорно, кога професионалец ќе си ја врши својата работа.. Тоа е најсоодветниот начин да им одадеме почит“, порача Гаши.

На роднините пак им прати уверување дека силно се споделува нивната болка.
„Вашата болка е болка на целото општество. Оваа трагедија е последниот аларм за сите политички и општествени чинители да се вратиме кон самите себе и кон нашата човечност, за да се изгдигнеме како Феникс и повторно да ја изградиме оваа држава, овојпат врз основа на чесност, праведност и искреност. Ова да биде последната трагедија. Бог да ги помилува душите на оние што таа ноќ заминаа во вечност. Вечна им слава, рече Гаши, по што комеморативната седница беше завршена.
Ова е првиот од предвидените настани со кои ќе се одбележи годишнината од пиожарот во дискотеката „Пулс“.Во сабота, на 14 март, во Црква „Св. великомаченик Георгиј“ ќе се одржат верски обреди во спомен на загинатите.
Семејствата на загинатите сепак не наоѓаат утеха во добрите зборови што не ги следат дела. т.е. политики и одлуки.
„Институционално се слушаат само убаво спакувани ветувања, но вистинската реална поддршка ја нема. Кога ќе изгубиш некој близок, очекуваш државата да застане зад тебе, но го покажа најминималното чувство на одговорност, нè оставија сами да се бориме за најосновните работи, како да бараме услуга, а не правда. Тоа чувство дека си оставен сам беше втор удар по трагедијата што ни се случи “, изјавила за „Слободен печат“ Розета, сестра на Јорданчо Џамов кој загина во трагедијата во кабарето „Пулс“.
Таа вели дека уште нема официјален одговор од власта на нивните барања за системска помош на семејствата на жртвите. Во ваква атмосфера таа не очекува ништо од власта.
„Срамота, разочарување„ – порачаа дел од родителите што беа незадоволни од комеморацијата во Собранието. Очекувале барем да ги кажат загинатите со име и презиме.