Гаши за ЕУ: Предизборната реторика не треба да има предност пред разумот

Главниот преговарач на Хрватска за ЕУ, Владимир Дробњак, порача дека 2030 ќе биде година на големо проширување, а таа е „веднаш зад аголот“


Во Собранието се одржа дебата за реформската агенда за ЕУ на која присуствуваше и главниот преговарач на Хрватска, Владимир Дробњак. Тој прати неколку клучни пораки за Македонија, со главната – дека 2030 година ќе биде година на големо проширување и тој хоризонт треба да го имаме на ум кога ја спроведуваме реформската агенда. 

„Две илјади и триесетта година е веднаш зад аголот, а има огромна работа што треба да се спроведе“, рече Дробњак посочувајќи дека за Црна Гора се очекува да ги заврши преговорите во 2028 година, а за Албанија до 2030 година, а тоа треба да најде одраз во финансиската рамка на ЕУ за 2028-2034 година, во смисла Македонија треба да се погрижи да се најде во неа.

Според неговата оценка, и контекстот го бара тоа бидејќи нивото на несигурност значително се зголеми  и мултилатералниот систем се распаѓа така што не се знае како ќе изгледа иднината. 

„Националниот интерес најдобро служи на целта кога функционираат европски решенија“, оцени Дробњак тврдејќи дека центарот на гравитација не е Скопје, туку се Брисел и Вашингтон, т.е. Европската унија и НАТО.

Според него оваа перспекгтива за членство што се нуди сега е вистинска, можна да се исполни и видлива, а остварувањдето на реформската агенда треба да го намали јазот дотогаш меѓу земјите од Западен Балкан и Унијата. Посебно внимание тој посвети на принципот на условување на преговорите оценувајќи дека се додека не станеме членка на ЕУ не сме на исто скалило со земјите во неа и дека е важно да стигнеме до тоа за да се потпреме на европската соработка. Тој спомена дека и Хрватска имаше повеќе услови за да влезе во Унијата разделувајќи ги во три групи- решавање на статусот на поморската граница со Италија, барањата од Меѓународниот суд во Хаг (испорачување на Анте Готовина како главно) и решавање на цел пакет погранични прашања со Словенија. „Хрватска, потсети тој, не можеше пет години да ги користи сретствата од ЕУ помошта и сепак во такви услови стана земја членка“, нагласувајќи дека Македонија не е единствена во овој поглед. 

„Со влезот во ЕУ проблемите кои изгледаа огромни претходно станаа само рутински“, заклучи Дробњак. 

Европската Унија е единствена алтернатива, порача спикерот Африм Гаши на дебата посветена на реформската агенда. Тој најави дека ќе се посвети на преземените обврски и законите кои ќе пристигнат во Собранието, но додаде и дека предизборната реторика не треба да има предност над разумот.

„Токму заради ова мора да покажеме зрелост и визија. Евроинтеграциите треба да бидат темата што ги обединува линиите на сите политички субјекти, бидејќи тоа е државен проект кој бара широк консензус и заедничка волја.“, вели Африм Гаши.

Со Гаши се согласи пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Молошоски, кој неодамна го критикуваше министерот за правда Игор Филков дека доцни со законите од агендата.

„Предизборието ќе носи некогаш повеќе политизација на критиките, наместо нивен квалитет. Но, сепак како пратеници, без разлика дали доаѓаме од власта или од опозицијата, треба да бидеме критични, основано критични, за да ја зголемиме продуктивноста на извршната власт“, вели Антонио Милошоски.

Од друга страна, лидерот на опозицијата Венко Филипче повика на обединување за процесот на евроинтеграцијата.

„Се случуваат многу геостратешки поместувања, се диференцираат нови центри на моќ. Ние треба да останеме силно приврзани со нашите стратешки партнери – и САД, но и Европската Унија.“, вели Венко Филипче.

Заменикот амбасадор на ЕУ, Бен Нупнау побара одлучна акција на Владата и Собранието за реформите и дијалог на сите политички субјекти.

„Планот за раст и Реформската агенда не се замена за членство во Европската Унија. Туку се алатка за да се подготви земјата за членство“, вели Бен Нупнау.

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, ја потенцираше важноста на Реформската агенда која претставува многу повеќе од листа на услови за членство во ЕУ.

„Кога последен пат се обратив овде, пред Мешовитиот парламентарен комитет меѓу Македонија и Европската Унија, истакнав дека има моменти во историјата што не се дефинирани само од нашата решеност, туку и од храброста и визијата на нашите партнери. Денес, пред вас, чуварите на законодавната моќ, ја повторувам таа порака. Нашата иднина во Европа не е некоја апстрактна цел на далечниот хоризонт; тоа е реалност што ја создаваме, ден по ден, преку нашата заедничка посветеност.

Ова Собрание, повеќе од кое било друго, знае дека европската интеграција на Македонија веќе не е само аспирација. Таа е стратешка неопходност, сеопфатен процес што бара реформи, политичка храброст и институционална посветеност без отстапки. Реформската агенда 2024–2027, поради која сме денес овде, е токму тоа: патоказ кој не е создаден за Брисел, ниту само за институциите на ЕУ, туку пред сè за граѓаните што ги претставуваме, чија доверба е темелот на нашата демократија.

Пред нас имаме јасна и конкретна Агенда, структурирана околу клучни приоритети: добро управување и владеење на правото, економска отпорност, зелена и дигитална трансформација и развој на човечкиот капитал. Секоја од овие реформи длабоко е втемелена во реалноста, не се работи за апстрактни политики. Тие директно се однесуваат на предизвиците со кои секојдневно се соочуваат нашите граѓани, од административни пречки и неефикасни јавни услуги, до корупција, невработеност и еколошки проблеми.

Како што веќе подвлеков од оваа говорница, Европа и Македонија делат заедничка иднина. Но, таа иднина се обликува тука, дома, преку нашата волја и силата на нашите институции. Затоа зајакнувањето на владеењето на правото е темелот на нашата Реформска агенда. Обезбедувањето независно судство и ефикасна борба против корупцијата и организираниот криминал е суштинско – не само како услов за пристапување во Унијата, туку како основно право на секој граѓанин. Последните законски иницијативи, како што се донесувањето на Законот за јавна внатрешна финансиска контрола и засилената транспарентност во јавните набавки, се конкретни позитивни чекори.

Сепак, реформите не се само прашање на закони, тие се прашање на лидерство. Потребна е храброст за да се прифати транспарентноста, интегритетот и отчетноста. Тие вредности мора да бидат неизоставен дел од нашата јавна администрација и државни институции. Со целосната имплементација на Законот за буџети и со реорганизација на државната администрација, веќе чекориме кон поефикасно и поодговорно управување…

Вие, почитувани пратеници, сте архитекти на оваа трансформација. На располагање ни се околу 750 милиони евра преку Инструментот за реформи и раст, средства доверени на Република Северна Македонија врз основа на нашиот потенцијал и нашата одговорност. Овие средства не се само финансиски алатки, туку се израз на довербата на Унијата во нашата волја и способност за успех.

Дозволете да повторам: вашата улога, почитувани пратеници, е навистина значајна. Со одлучно законодавство и буден надзор, вие директно го одредувате темпото и успехот на нашата интеграција. Нашата визија е јасна: Северна Македонија интегрирана во ЕУ, со силни институции, конкурентна економија и обединето општество… Ајде заедно да покажеме политичка зрелост, законодавна ефикасност и институционална сила. Заедно, нема само да ги следиме европските стандарди, туку ќе ја олицетвориме самата европска идеја, истакна  Муртезани.

Говорот на Дробњак и на Муртезани не го слушнаа ни во ВМРО-ДПМНЕ од каде веднаш излегоа со реакција на обраќањето на Филипче.

„Димитар Ковачевски како премиер и претседател на СДС тврдеше дека уставните измени се последна пречка за влез на Македонија во ЕУ.СДС водеше кампања со која не убедуваше дека само што не сме влегле во ЕУ, а пречка за тоа се уставните измени, после кои се ќе се смени.ВМРО-ДПМНЕ уште тогаш кажа дека СДС, Ковачевски, Маричиќ, Зечевиќ и Османи лажат. И дека уставните измени се само почеток на бугарските барања.

Тоа што ВМРО-ДПМНЕ го зборуваше, сега го кажаа и од ЕУ, односно еврокомесарката Марта Кос, потврди дека нема гаранции дека ова се последните бугарски барања.Еврокомесарката Кос кажа дека не може да потврди дека нема да има нови блокади заради билатерални прашања.Каде се СДС сега? Каде се сокрија?“- прашаа од владеечката партија која чека гаранции со потпис и печат дека нема да има други условувања иако сите порачуваат дека такви гаранции не може да има.