Гаши се надева дека Македонија и Албанија ќе одат заедно кон ЕУ

Претседателката на парламентот на Албанија во Скопје изрази надеж дека Законот за јазиците ќе биде целосно имплементиран


Африм Гаши и Елиса Спиропали

 

Со почесна гарда претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши, ја пречека претседателката на албанскиот парламент Елиса Спиропали, а потоа во разговорите рече дека се надева оти двете држави заеднички ќе го продолжат патот кон ЕУ. Ова очекување на Гаши не зависи од желбите на Тирана, туку од одлуката на европските лидери дали Албанија ќе ги отвори првите кластери до крајот на годинава. А така засега стојат работите.

Според соопштението од средбата, Гаши и Спиропали се согласиле дека „во иднина мора да се продолжи соизградбата на патното, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII, а сѐ со цел поголема размена на луѓе, стоки и услуги за кои постои огромен потенцијал“, што е во дисонанца со најавите на надлежниот министер за транспорт дека ќе биде запрена изградбата на третата делница од пругата кон Бугарија од Крива Паланка до Деве Баир.

На заедничката прес-конференција потоа Спиропали изјави дека „промените во бојата на власта и политичката ротација во Скопје не треба и нема да влијаат на односите меѓу двете земји, туку ќе бидат дел од циклусот на континуиран напредок на соработката меѓу нас“.

Говорејќи за евроинтеграцискиот процес, Спиропали укажа на заморот што го чувствуваат граѓаните во двете земји од долгото чекање. Во овој контекст, таа изрази жалење што Северна Македонија не ја исполнила преземената обврска во однос на уставните измени.

„Тие овде и пошироко се гледаат како соодветна жртва со заслужената награда што недостасува“, рече таа.

Според Спиропали, „албанскиот фактор во РСМ, исто така, игра одлучувачка улога во односите меѓу двете земји и на ист начин и Македонците во Албанија се силен мост за поврзување на пријателството и соработката меѓу нашите две земји. Овој национален и човечки фактор, распространет на три држави и три републики, во Косово, Северна Македонија и Албанија, со три различни знамиња и симболи, истовремено го прифаќа симболот на обединетата Европа и нејзиното знаме. Во овој дух и во оваа филозофија, сигурна сум дека правичната и пропорционалната застапеност на Албанците во институциите на земјата, ќе продолжи согласно современите демократски стандарди на мултиетничкото општество“, рече Спиропали.

Претседателката на албанскиот парламент, исто така, изрази надеж дека Законот за јазиците ќе биде целосно имплементиран и дека одлуката на Уставниот суд на земјава, кој треба да одлучува по ова прашање, ќе биде во духот на Охридскиот рамковен договор.

Спиропали се сретна и со претседтелот на СДСМ, Венко Филипче, во просториите на Собранието. Тие се согласиле дека Северна Македонија и Албанија мора заедно да продолжат по европскиот пат.

Филипче посочил дека загрижува политиката на актуелната власт во однос на евроинтеграцискиот процес на државата.

„Актуелната власт не презема конкретни чекори во однос на забрзување на процесот на евроинтеграција на државата и покрај тоа што ветуваа дека дека ќе ја подобрат преговарачката позиција. Во моментов имаме ситуација кога патот кон ЕУ е доведен во ризична состојба, а со тоа и иднината на државата“, рекол Филипче, според партиското соопштение.