Гаши прави „каша попара“ од собранискиот Деловник, комисија испаѓа помоќна од пленумот


 

Претседателот на Собранието, Африм Гаши попладнево преку соопштение информира дека неговата улога како претседател завршила со процесот на интерпелација на претседателката на Комисијата за социјална политика Илире Даути. Како што наведува Гаши, прашањата за разрешувања или оставки се во надлежност на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, пратеничките групи или пратениците.

„Како претседател на Собранието, мојата главна одговорност е да го почитувам и спроведувам Деловникот и процедурите на Собранието. Во овој контекст, интерпелацијата до претседателот на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути, беше спроведена во целосна согласност со Деловникот, законите и Уставот. Важно е да се напомене дека интерпелацијата, по својата природа, не носи правни последици или ефекти. Мојата улога како претседател заврши по завршувањето на процесот на интерпелација, како што се случи во случајот со интерпелацијата поднесена против мене пред неколку месеци. Прашањата како што се разрешувања или оставки се процедури на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, пратеничките групи или пратениците“, вели Гаши.

Нагласува дека до него досега не е пристигнато официјално известување за оставка од ниту еден претседател на Комисија.

„Од процедурална гледна точка, ова прашање е решено. Секое друго толкување освен ова е едноставно политичка реторика за дневна употреба и нема никаква правна основа, во која јас како претседател на Собранието нема да учествувам“, вели Гаши.

Интерпелацијата за претседателката на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади, поднесена од пратеничката група на Левица, беше изгласана во петокот по што Кабинетот на претседателот на Собранието објави соопштение во кое наведе дека интерпелацијата нема правно-обврзувачки последици.

Од опозициската СДСМ вчера го повикаа Гаши да ги каже следните чекори по интерпелацијата на Даути, додека од ЗНАМ, кој е дел од владината коалиција, побараа од „Европскиот фронт“ да предложи нов претседател на Комисијата, бидејќи претседателското место во оваа Комисија му припаѓа на „Европскиот фронт“.

И од владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска оценија дека Илире Даути нема кредибилитет да претседава со собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади, откако беше изгласана недоверба по расправата за интерпелација.

„Не е важно кој покренал интерпелација и која била темата или причината, важно е дали е прекршен Деловникот за работа на Собранието или не е“, рече на прес-конференција пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.

Преку писмено соопштение вчера се обрати и самата Даути која истакна дека соочена со изборот меѓу губењето на функцијата претседател на Комисијата и дејствување под диктат, не се сомнева дека ќе ја прифати слободата на дејствување како пратеничка.

Реално, со ваквите политички игри на Гаши и на ВМРО-ДПМНЕ посилен е впечатокот дека  се укинува неформално интерпелацијата и дека ова што се слуичува со Даути утре ќе се примени и за евентуални интерпелации на министрите и тие ќе станат недопирливи. Речиси е неверојатно како по толку години преговарање за нов Деловник за неколку месеци Гаши го прогласи за неприменлив и нејасен, па сега се бараат измени, иако секој правник кажа јасно што пишува во него.

И покрај тоа што правните експерти се децидни дека по изгласана недоверба функционерот треба да замине, за жал, и интерпелацијата наместо правна, доби етничка димензија, односно албанскиот политички блок застана во заштита не на правото, туку на етникумот. Гаши треба да прати известување до Комисијата за избори и именувања со заклучокот од пленарната седница за интерпелациите, односно дека со мнозинство гласови е изгласана интерпелацијата, но по четири дена тоа не се случува. место тоа, дава небулозни соопштенија како ова денес, практично продолжувајќи ги политичките игри од неставањето на дневен ред на Законот на бранителите, а ВМРО-ДПМНЕ со огромниот број пратеници во Собранието глуми дека не е моќен да влијае, па и го одбрани Гаши од предлогот за негова интерпелација по сите скандали што ги направи досега. Како тргнал Гаши од Собранието прави неформален политички клуб  и буквално го „растура“. (Н.В.)