Гаши контра Уставниот суд: Пратениците имале право на интерпелација против секој функционер


Африм Гаши (Фото: Б. Грданоски)

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, испрати соопштение до медиумите во кое порачува дека пратеницитее имаат право да покренат интерпелација за секој носител на јавна функција, очигледно ставајќи ги тука и уставните судии.

-Како што е јасно утврдено во член 47 од Деловникот на Собранието и член 72 од Уставот, пратениците имаат уставно загарантирано право да покренат интерпелација за работата на секој носител на јавна функција. Овие одредби не се предмет на слободно толкување , туку нивна примена.

Претседателот на Собранието останува  посветен на принципиелно и законито раководење, засновано врз уставниот поредок, институционалната непристрасност и доследно почитување на процедурите. Секоја иницијатива поднесена од страна на пратениците, доколку е во согласност со Уставот и Деловникот и законите, ќе биде процесирана со целосно почитување на законите и демократските стандарди. Обезбедувањето на легалитетот и заштитата на институционалниот интегритет на Собранието не претставуваат само обврска, туку и темелен принцип на визијата на претседателот за одговорно владеење, напиша Гаши. 

Инаку, со ваквиот став Гаши практично се престори на страната на ДУИ, кои деновиве поднесоа барање за интерпелација за претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски поради законот за јазиците. Илир Хасани од оваа партија образложи дека барањето одговорност е поради тоа што Костадиновски со своите изјави околу Законот за јазиците го прекршил Уставот со тоа што рекол дека со него се предизвикало хаос во општеството.

„Врз основа на кој член од Уставот или конкретен закон претседателот на Уставниот суд смее да карактеризира закон како извор на политички и правен хаос и дали е во надлежност на претседателот на Уставен суд да утврди проблеми во спроведување на законот и да предвиди законодавна интервенција. Ваквите изјави ги намалуваат рамките на надлежностите дефинирани со закон и покренуваат сериозни сомнежи за непристрасноста и објективноста на претседателот на судот“, порача Илир Хасани.

Самата помиска да се покрене интерпелација на Уставен судија е скандалозна бидејќи е нов обид судството да се подреди на политиката, по сличните обиди во другите судови. 

Во врска со т.н. интерпелации на уставни судии, Уставниот суд во март годинава, излезе со став дека „Уставот не предвидува никаква можност за разрешување на уставен судија ниту од страна на законодавната, ниту од извршната власт“ и дека институтот „интерпелација” предвиден во членот 72 од Уставот, во никој случај не се однесува и не може да се примени за уставните судии. 

СДСМ веќе објави дека нема да ја поддржи интерпелацијата на претседателот на Уставниот суд.

„Претседателот не го избира Собранието, туку се бира од страна на уставните судии, оттаму ниту правно формално оваа иницијатива не е издржана. Покрај ова, сметаме дека таа може да се искористи исклучиво за дневно политички цели од страна на оние кои ја иницираат. Уставниот суд треба да работи согласно Уставот и да ги спроведува сите иницијатви согласно законите“, оценија од СДСМ.

Ова е дрзок обид на Гаши да си ги толкува законите како што му одговара истовремено повикувајќи се на членови од закони и на Устав. Таа негова политичка растегливост и тенденција кон безаконие се виде и околу ставањето на дневен ред на законот за бранителите и епизодата со Илире Даути.