Гарванлиев позитивен на корона, роденден славеше во самоизолација


Македонскиот пејач Васил Гарванлиев наврши 36 години, но, за жал, својот роденден го прослави во самоизолација, и тоа со торта во вид на коронавирус.

Наместо да го прослави роденденот со своите најблиски во Струмица, Гарванлиев бил принуден сам да слави, во домашна изолација. Вели дека има лесни симптоми на болеста, а дека е позитивен на Ковид-19 дознал пред неколку дена. Роденденската торта е подарок од неговата мајка, која му ја оставила пред врата.

Гарванлиев летово на неговиот официјален јутуб канал ја објави неговата најнова песна и видеозапис за „ПриКазна“. Ова е негов втор проект оваа година по промоцијата на евровизиската песна YOU, со која Васил требаше да настапи на 65-тото издание на Евровизија во Ротердам.

Верен на својот стил, естетика и скриени пораки, овојпат Васил можевме да го видиме со уште поуникатен уметнички израз низ кој ја раскажува неговата приказна преку “борбата„ во/со себе, а воедно и со се што во моментотов ни се случува  – прашање со кое токму и започнува самата песна.

Автор на музиката е самиот пејач, текстот е на Тања Брковска, додека аранжманот е на неговиот долгогодишен соработник и композитор Давор Јордановски. За видеозаписот се погрижија Digital Box продукција од Охрид во соработка со Ристе Филипов и креативниот директор Јелмаз Дервиши. Приказна е дел од новиот албум на Васил којсе очекува да биде објавен наскоро.