Гарванлиев пее вечерва на првото полуфинале: Евросонг само со 3500 публика со негативен ковид тест


Васил Гарванлиев вечерва пее на првото полуфинале на 65. Евросонг во Ротердам Ахој како шести учесник со песната „Here I Stand“ . Шеснаесет земји ќе учествуваат во првото полуфинале покрај Македонија. Литванија, Словенија, Русија, Шведска, Австралија, Ирска, Кипар, Норвешка, Хрватска, Белгија, Израел, Романија, Азербејџан, Украина и Малта, плус Германија, Италија и Холандија ќе гласаат во ова полуфинале.

Од техничката проба во Ротердам

Второто полуфинале ќе се одржи на 20 мај. Седумнаесет земји ќе учествуваат во второто полуфинале. Сан Марино, Естонија, Чешка, Грчка, Австрија, Полска, Молдавија, Исланд, Србија, Грузија, Албанија, Португалија, Бугарија, Финска, Латвија, Швајцарија и Данска, плус Франција, Шпанија и Велика Британија ќе гласаат во ова полуфинале.

Финалето ќе се одржи на 22 мај . Во финалето ќе учествуваат 26 земји, составени од земјата домаќин, Големата петорка и десетте најдобро рангирани учесници на секое од двете полуфиналиња. Сите триесет и девет земји учеснички на Еврсонг ќе гласаат во финалето.

Ротердам Ахој претходно беше домаќин на Детската Евровизија 2007 и требаше да биде домаќин на натпреварот во 2020 година пред неговото откажување

Холандија е домаќин на престижниот музички настан, по победата на земјата на Евросонг во 2019 година со песната „Arcade“ од Данкан Лоренс. Холандија требаше да биде домаќин и во 2020 година, пред да биде откажан поради Ковид-19. Холандија по петти пат е домаќин на Евровизија по 1958, 1970, 1976 и 1980 година.

Трите вечери во живо ќе ги водат Шантал Јанзен, Едсилија Ромбли, Јан Смит и Ники де Јагер.

Триесет и девет земји ќе учествуваат на натпреварот. Бугарија и Украина ќе се вратат по отсуствата од настанот во 2019 година, додека Унгарија и Црна Гора нема да се вратат по учеството во 2019 година. Ерменија и Белорусија првично планираа да учествуваат, но Ерменија подоцна се повлече поради социјални и политички кризи по војната во Нагорно-Карабах во 2020 година, а Белорусија беше дисквалификувана откако беше утврдено дека нивниот влез не е во согласност со правилата на ЕБУ.

Ротердам Ахој претходно беше домаќин на Детската Евровизија 2007 и требаше да биде домаќин на музичкиот настан во 2020 година пред неговото откажување.

На 1 април годинава беше објавено дека публика од 3.500 луѓе ќе биде дозволена на секоја од деветте вечери, вклучувајќи ги трите вечери во живо и шестте проби; а холандската влада ја потврди одлуката на 29 април. Сите гости во публиката мора да имаат негативен тест за Ковид-19.

Гарванлиев на тиркизниот килим на свеченото отварање на 65. Евросонг

Поради пандемични мерки на претпазливост, свеченото отварање со  „Тиркизниот килим“ беше единствениот настан во живо, на 16 мај. Евровизиското село, што е во тек до 23 мај е во форма само на Интернет; а и EuroClub, беше откажан за оваа година.

Евровизиската песна  “Here I stand” ја напиша самиот Гарванлиев, како што вели, во еден здив, додека пак во аранжирањето и оркестрацијата се вклучија Борче Кузмановски и Давор Јордановски. 

Во меѓувреме, евровизиската “Here I Stand“ на Гарванлиев доби ремикс верзија, изработена од светски познатиот диџеј Тони Моран, кој има платинести ремикси за Мараја Кери, Витни Хјустон и Дебра Кох. Ексклузивната информација на втората прес-конференција на Евросонг во Ротердам ја соопшти нашиот евровизиски претставник. Тизерот веќе е објавен на Инстаграм.

Васил кој е омилен меѓу домаќините на Евросонг, како што ни изјави Александра Јовановска која ја предводи делегацијата од МТВ и која одлично ги познава евровизиските протоколи, владее со сцената.

-Се приближуваме кон целта, фокусирани и самоуверени, сите го признаваат талентот и вокалните способности на Васил, воодушевува со секоја интерпретација, вели за „Независен“ Јовановска.

-Сакаме да ја претвориме темнината во светлина“ – порачува Гарванлиев и објаснува дека токму тоа е функцијата на огледалата и златните светла во склоп на сценскиот настап. Инспирирани од кинтсукурој, јапонска техника со која скршениот порцелан се лепи со злато, Гарванлиев и сценската режисерка Тине Матулеси преку настапот се обидуваат да го доближат преносното значење до публиката.

„Како што реков, златото е инспирирано од кинтсукурој, јапонска техника со која скршениот порцелан залепен со злато станува уште поубав. Така започнува песната.  А, огледалата ги користиме за да ја претвориме темнината во светлина. Ќе се обидувате да не скршите и потиштите, но нема да ви дозволиме“ – заокружува. 

Гарванлиев на сцената ќе носи костум на Раде Василев во соработка со Signori.

Директните преноси од сите три евровизиски вечери ќе можат да се проследат од 21 часот на Првиот и Вториот канал на Македонската телевизија, како и на Првата програма на Македонското радио, со почеток во 21 часот. (ЕБУ)