Гарванлиев не влезе во финалето на Евросонг во Ротердам


Васил Гарванлиев и покрај својот одличен, сигурен, мошне емотивен настап со песната „Here I Stand“, кој беше награден со бурен аплауз во арената Ахој, но и во прес- клубот во Ротердам вечерва не обезбеди место во финалето на „Евросонг 2021“ . Тоа не им успеа ниту на претставниците од регионот – од Хрватска и од Словенија.

Во финалето влегоа претставниците на Норвешка, Израел, Русија, Азербејџан, Малта, Литванија, Кипар, Шведска, Белгија и Украина.

-Благодариме од срце што ни испративте толку љубов и поддршка откако го видовте настапот на Васил. Ова беше неверојатна евровизиска приказна што заврши со настап со кој сите може да се гордееме. Васил доминираше на сцената и ние се чувствуваме како победници затоа што ја претстави Македонија на највисоко ниво. Се надевам дека Васил донесе среќа и оптимизам во секој дом во нашата земја и сте задоволни што бевме дел од ваква спектакуларна музичка вечер што ја обединува Европа. Васил ја даде сета своја енергија и страст на сцената за својата земја. И покрај тоа што нема да бидеме дел од финалето Македонија покажа дека може да се натпреварува на највисоко интернационално ниво. Една земја ќе го понесе трофејот на крајот, но сите останати заедно ја соединија Европа по страшната пандемија која ни се случи, ни изјави вечерва по прогласувањето на финалистите, Александра Јовановска од македонската евровизиска делегација во Ротердам.

Холандија која по петти пат е домаќин на Евровизија по 1958, 1970, 1976 и 1980 година приреди незаборавно и спектакуларно шоу што го следеше милионски аудиториум ширум светот, а во арената Ахој која собира 16 илјадна публика, имаше само 3500 публика со негативен Ковид тест.

Второто полуфинале ќе се одржи на 20 ма. Седумнаесет земји ќе учествуваат во второто полуфинале. Сан Марино, Естонија, Чешка, Грчка, Австрија, Полска, Молдавија, Исланд, Србија, Грузија, Албанија, Португалија, Бугарија, Финска, Латвија, Швајцарија и Данска,  плус Франција, Шпанија и Велика Британија ќе гласаат во ова полуфинале.

Финалето ќе се одржи на 22 мај . Во финалето ќе учествуваат 26 земји, составени од земјата домаќин, Големата петорка и десетте најдобро рангирани учесници на секое од двете полуфиналиња. Сите триесет и девет земји учеснички на Евросонг ќе гласаат во финалето.