Гарванлиев ќе пее на алтернативен Евросонг на 16 мај


Фото: Б. Грданоски

По конечното откажување на 65-тото издание на Изборот на песна за Евровизија, Европската радиодифузна унија и нејзините партнери од Холандија, НПО, НОС и АВРОТРОС се заложија за организирање и продуцирање ново алтернативно шоу со наслов, Eurovision: Europe Shine a Light, кое ќе се емитува во живо, на 16-ти мај со почеток во 21 часот, што беше и претходно потврдениот термин за одржување на евровизиското финале.

Фото: Б. Грданоски

Специјалното телевизиско шоу нема да има натпреварувачки карактер, но ќе им оддаде значајно признание на сите песни и учесници од 41-та земја, колку што требаше да учествуваат на годинашната Евровизија. Веќе селектираните песни ќе бидат емитувани само во фрагменти, учесниците ќе бидат претставени низ најразлични снимени видео пораки и материјали, но ќе ги видиме и слушнеме и обединетите од различни локации низ Европа низ стиховите на познатиот евровизиски хит на Katrina And The Vawes: „Love shine a light“, победничка песна на Евровизија во 1997-мата година.

„Сакаме да направиме шоу коешто нема да им оддаде признание само на уметниците од 41-та земја, коишто требаше да настапат во Ротердам, туку и телевизиска програма која ќе ги инспирира и поврзе луѓето низ Европа и во овие изолирани и тешки времиња. Ќе оддадеме почит на сите коишто се погодени од корона вирусот, но и на оние коишто работат деноноќно во борбата против него“, изјави извршниот продуцент на шоуто, Зитце Бекер.

Шоуто ќе приреди и многу изненадувања за евровизиските фанови, коишто може да се вклучат во формирањето на големиот евровизиски хор кој од сите страни на светот ќе ја изведе песната на Џони Логан, „What another year“! Со оваа песна Џони Логан победи на Евровизија 1980-тата година, која тогаш се одржа во Хаг, Холандија. Конечниот датум за испраќање на видеата е 24-ти април, а фановите од Македонија коишто сакаат да се приклучат кон оваа иницијатива повеќе детали за овој повик може да прочитаат на официјалната страница:

eurovision.tv ( https://eurovision.tv/story/eurovision-sing-a-long-with-johnny-logans-whats-another-year )

Водители на шоуто ќе бидат презентерите Шантал Јансен, Едсилиа Ромблеј и Јан Смит, коишто требаше да бидат домаќини на Евровизија 2020.

Најпознатата интернет ѕвезда од Холандија, која на социјалните мрежи се претставува под името nikkitutorials исто така ќе направи интересни содржини за шоуто во форма на онлајн интервјуа со изведувачите.

Шоуто ќе трае 2 часа, а ќе биде пренесувано од 46 национални сервиси, меѓу кои и Македонската Радио Телевизија.

Годинешната евровизиска „YOU“, на авторот Невенка Нешкоска е модерна песна со етно елементи, а беше промовирана во март пред македонската јавност заедно со спотот и ја слушнаа евровизиските фанови ширум Европа.