Ганиу: Травертинот се класифицира и ќе се врати на улиците во Старата чаршија


Фото: Б. Грданоски

Со пари од Светска банка и со сите дозволи од Управата за заштита на културното наследство, Општина Чаир реконструира дел од улиците во Старата скопска чаршија, се правда градоначалникот Висар Ганиу, по силната реакција на јавноста дека во сред пандемија од корона вирус се менува калдрмата.
Ганиу вели дека каменот е травертин кој се вади и истиот се става за поплочување на улиците. Според него, не се точни информациите дека каменот се продава. Тој се вади и се чува во магацин, а штом ќе бидат завршени подземните инсталации, истиот се реди на улиците во Старата скопска чаршија.
Инаку, станува збор за работи во рамки на проектот „Промоција на туризмот во Старата скопска чаршија“, кој се спроведува со грант од 600.000 евра од Светска банка.
„За проектот кој го почнавме во декември, ја имаме известено јавноста. Се реконструира улицата „Самарџиска“ на површина од 1.800 метри квадратни со травертин“, вели Ганиу.

Проектор опфаќа и реконструкција на излозите на 75 дуќани, со поставување натписи, тенди, кои ќе бидат унифицирани, што според Ганиу и претходно било направено со првиот проект пред десетина години.

Ганиу појаснува дека во проектот изработена е и апликација за опис на спомениците, ќе биде поставена целосна сигнализација низ чаршијата, а секако се заменува и подземната електрична инсталација, за осветлување на чаршијата.
„Во текот на работниот процес целта не е да се направи замена на автентичноста на Старата скопска чаршија. Потребата од имплементација на овој проект е тоа што улиците беа уништени од атмосферските влијанија, движење на возилата за достава и слично“, вели Ганиу.