Ганиу: 13.000 дивоградби наследи Изет Меџити во 2005, по 2011 Данела има легализирано некои


Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, жестоко ѝ возврати на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која преку фејсбук-статус неодамна побара негово апсење поради, како што наведе, „злосторничко здружување, фалсификување јавни исправи, перење пари, злоупотреба на службена должност и загрозување на безбедноста на граѓаните на Чаир“.

Арсовска ги повика полицијата и институциите да преземат итни мерки за стопирање на дивоградбите и најави иницијатива за испитување на нивната безбедност.

Ганиу не само што ги негираше овие обвинувања, туку и ја обвини Арсовска за политичка манипулација во корист на ДУИ.

„За сите овие акти моите адвокати работат за да има тужби за невистините што ги зборува. Чесната жена од Град Скопје манипулира. Во Чаир во 2005 година, кога градоначалник станува Изет Меџити, имаше 13.000 дивоградби или над 75% од сите објекти во Општина Чаир беа дивоградби. Ние тоа го затекнавме. И таа го употребува често дека 13.000 дивоградби се во мое време. Не е вистина дека тие објекти што се изградени дека се на земјиште на РМ. Чаир е 3 квадратни километри и сопственоста е на некого. Нема РМ земјиште или многу малку. Другото, 150 згради што таа ги објавува се невистини. Најновата лага што ја зборува е дека има 50 нови темели во Чаир. Сите овие се лажни тврдења со цел мегафонот на ДУИ да ме дискредитира“,реагира Ганиу.

Во однос на обвинувањата дека општината издавала дозволи за градба на деца и неполнолетни лица, Ганиу рече дека овие тврдења ќе бидат расчистени преку институциите.

„Сите тие работи ќе ги расчистиме пред судските органи. За тврдењата за кои зборува таа, изјавите се даваат пред нотар, не пред мене. Јас не сум надлежен за да ги контролирам тие работи. Има други институции кои треба тие работи да ги контролираат. А, госпоѓа Арсовска, јас ви тврдам, дека други објекти изградени после 2011 година, таа ги има легализирано“,обвини Ганиу.

Судирот меѓу градската и општинската власт е со остра политичка димензија веќе неколку месеци. Чаир, како една од најгусто населените општини во главниот град, често се наоѓа во фокусот кога станува збор за непрописна градба и пренатрупаност.

Првичните обвинувања од Арсовска уследија откако таа објави фотографии и документи за, како што тврди, тековни градби без дозволи во Чаир алудирајќи дека општината системски го толерира, па дури и овозможува нелегалното градење.

Од друга страна, Ганиу во своите изјави го става проблемот во поширок контекст, наведувајќи дека дивоградбите не се нов феномен, туку наследен проблем од минатото и оти бројките што се изнесуваат се намерно манипулирани за политичка дискредитација. Според него, Чаир не е исклучок, туку една од општините што најмалку придонеле во вкупната бројка на нови дивоградби од 2011 година наваму.