Галтие предвреме ја напушта клупата на ПСЖ


Кристоф Галтие нема да ја одработи втората година од тренерскиот договор со ПСЖ, јавија денеска француските медиуми.

Француските новинари му поставија прашање на Галтие поврзано со продолжување на неговиот тренерски ангажман во ПСЖ по саботниот пораз од Клермон (2-3) во последното 38. коло во француското првенство, а тој најави состанок со клупското раководство.

„Тогаш ќе видиме какви одлуки ќе донесе управата“, изјави 56-годишниот Галтие, кој предвреме ќе замине од должноста, иако оваа сезона на клубот од Париз му ја донесе 11. шампионска титула во историјата.

ПСЖ под водство на Галтие оваа календарска година претрпе дури десет порази и имаше неуспешни настапи во францускиот куп и Лигата на шампиони.