Галичка свадба 2019: Марина Петровска и Огнен Караѓозовски се новите младенци


Марина Петровска и Огнен Караѓозовски се младенците на традиционалната Галичка свадба, која годинава од 12-14 јули ќе се одржи по 46. пат. Покровител на манифестацијата годинава е претседателот Стево Пендаровски, беше соопштено на денешната прес-конференција во „Пивара Скопје“.

Галичката свадба со години е прогласувана за најуспешна туристичка манифестација кај нас, а од Њујорк Тајмс и Нешнл Џиографик за најтрадиционален свадбен фестивал во Европа.

Во пресрет на 46. Галичка свадба која ќе се одржи идниот викенд, на платото пред чешмата Упија во Галичник вечерта, на 12 јули од 22 часот ќе се одржи концерт со Џијан Емин, во соработка со Македонската филхармонија, со Здружението на џез музичари на Македонија и со  групата „Бенд офф“, со што ќе почне и Галичкото културно лето.

Во преубавиот амбиент на селото Галичник на Бистра планина, со поставување на свадбарското знаме ќе почне 46. издание на Галичката свадба, една од најспектакуларните културни манифестации во земјата.

Младенците на годинашната манифестација Марина Петровска и Огнен Караѓозовски, кои се избрани во конкуренција од повеќе пара, денес, изјавија дека се особено среќни што се избрани за невеста и младоженец, на најавтентичната и најтрадиционална свадба на сите простори. Караѓозовски, кој влече галички корени, вели добро се подготвил и ги научил свадбарските обичаи кои се карактеристични за галичката свадба.

Александар Костиќ ,претседател на Месната заедница „Галичник“, која е организатор на манифестацијата на прес-конференцијата изјавија дека се горди на признанијата што ги добиваат дома и надвор.

-Овие признанија се само уште една причина Галичка свадба да продолжи да го негува македонското културно богатство и да биде негов промотор во целиот свет, рече Костиќ, кој годинава најави збогатени содржини за посетителите на манифестацијата со учество на голем број познати уметници.

Свадбарските обичаи ќе започнат со поставување на свадбарското знаме, а судбоносното „да“ младенците ќе го кажат в недела, 14 јули,  во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“. Посетителите ќе можат да проследат над 30 обичаи кои што ќе се изведуваат за време на свадбарските денови.

На манифестацијата учество ќе земат околу 100 статисти облечени во автентични галички носии, КУД со околу 30 учесници, коњица и коњи со техничката поддршка, односно вкупно околу 250 луѓе.

За време на викендот, ќе биде воспоставен и специјален сообраќаен режим, за полесно следење на фестивалот. (Л.С.)

Фото: Б. Грданоски