Галичка ликовна колонија со 18 уметници, странските ќе учествуваат онлајн


Во Галичник задутре, 15 август, ќе почне 31. Ликовна колонија на која таму ќе престојуваат и творат девет македонски уметници, а девет странски, кои се предложени од нивни македонски колеги, ќе учествуваат онлајн поради пандемијата со КОВИД-19.  „Коегзистенција” е годинава тема на Галичката ликовна колонија и ја третира (загубената) релација помеѓу природата и човекот.

Колонијата ќе трае до 25 август, а заради поголема безбедност и да се избегне групирање, уметниците ќе бидат поделени во две сесии по пет дена со почитување на сите протоколи за заштита на нивното здравје.

Домашни учесници се: Ненад Тонкин, Јана Јакимовска, Шќипе Мехмети, Борче Богоевски, Тања Ристовка, Зоран Шеќеров, Игор Таневски, Ана Трајковска и Ана Ивановска, а интернационални кои ќе учествуваат онлајн се:  Жангхонг Лиао од Кина, Бурим Муфтиу од Косово, Тарлан Лотфизаде од Иран, Слободан Радојковиќ и Марина Марковиќ од Србија, Франциско Томшик од Уругвај, Ивана Радовановиќ од Црна Гора, Рубен Бас од Холандија и Том Лујтен од Белгија.

Ана Франговска, организатор и куратор на колонијата очекува и годинава успешна креативна средба од која ќе произлезат нови квалитетни уметнички дела кои, како што вели, ќе бидат сведоци на овие специфични времиња во кои живееме.

– Ваквиот концепт овозможува да се задржи меѓународното реноме на манифестацијата, а истовремено нуди можност за уште попродлабочена соработка помеѓу нашите и интернационалните уметници. Предноста на новите технологии овозможува и во вакви кризни времиња да ги одржуваме културните манифестации кои се препознатливи по својот квалитет и во светот, а интернет-платформите ќе ни обезбедат близок виртуелен контакт со меѓународните уметници кои ќе се презентираат пред локалната публика, ќе се запознаат со останатите македонските автори, ќе почувствуваат дел од магијата на прекрасниот Галичник и ќе имаат блиска соработка преку колаборативно креирање на едно уметничко дело со еден од македонските уметници, изјави Франговска.

Во врска со темата „Коегзистенција” очекува дека Галичник со своите природни убавини ќе придонесе кон преиспитувања на искинатата нишка т.е. релација или коегзистенција на видливиот свет со невидливите опасности (вирусите и пандемиите кои нè демнат), коегзистенцијата на уметноста и општеството, уметноста и политиката, уметноста и екологијата, уметноста и технологијата.

-Секој друг меѓуслој на читање на концептот е возможен, а интенцијата е барем на минорно ниво да се остави трага или белег на времето во кое живееме сега, додава Франговска.