(Галерија) Златна Бубамара ја загреа атмосферата и на евтина и на скапа тарифа


 

Во духот на енергетската криза, годинашната 26. „Златна бубамара на популарноста“, во малку временски потскратено издание и без Сашко Коцев, влезе во нова фаза, но со старите амбиции и под мотото „Да штедиме, но да не се штедиме“.

И не се штедеше во синоќешната три ипол часовна програма во полната сала „Борис Трајковски“ – во препознатливиот манир на популарната манифестација, и овојпат „боцките“ беа упатени кон состојбите во општеството и кон она што ја одбележа минатата година.

Сценски на завидно ниво, со добро подготвени музички и сценски настапи, со духовити досетки и емотивни обраќања по добиеното признание „Златна Бубамара на популарноста“.

 

На многумина им недостасуваше хуморот на Сашко Коцев, но неговото отсуство им отвори простор на „вечните резерви“ Тино (Костадиновски) и Атанас (Атанасовски) да дојдат до израз, а тоа во неколку наврати го направија повеќе од успешно, особено во точката за состојбите во културата и за протечувањето во Македонскиот народен театар.

Музичкиот дел и овој пат беше на исклучително високо ниво, а тоа особено се однесува на ветераните Ефто Пупиновски и Блага Петреска, Џибони и Влатко Стефановски, Игор Џамбазов и Андријана Јаневска, Мирослав Илиќ, Јаков Дренковски, Миле и Георги Барбаровски, Меморија, ДНК, Наум Петрески, но и помладите Некст тајм, оркестарот на Џамбо Агушев и новите сили кои доаѓаат како Лара Трпчевска и Ана Петановска од кои допрва ќе треба да очекуваме уште многу бубамари. Хорот „Мирче Ацев“ стандардно извонреден.

Овации предизвика излегувањето на бината на Горан Пандев, а атмосферата на почетокот ја загреа настапот на Кали и Сара.

За извонредните успеси минатата година беше награден медицинскиот тим предводен од д-р Светозар Антовиќ, кој во ноември 2022 ја изведе првата трансплантација на црн дроб во Македонија.

 

За најпопуларен писател беше прогласен Венко Андоновски со неговиот најнов роман „Папокот на светлината“…

И овој пат се потсетивме на некои од луѓето кои не напуштија, како актерите Марин Бабиќ, Катерина Крстева (Мара Попара) и виртуозот на хармоника, Милан Завков, кој починал само пет дена откако дознал дека ќе добие „Златна Бубамара на популарноста“.

Во негов спомен публиката имаше можност да види виртуозно музицирање од страна на групата Маестро и наследникот на Завков, Војче Петрушев.

Популарната манифестација длабоко е навлезена во третата деценија и успешно чекори кон златниот јубилеј.

 

(Фото: Борис Грданоски)