(Галерија) Во Дебар мирно, редовен дотур на залихи и строга контрола на влезот во кризната зона


Фото: Б. Грданоски

Изминатото деноноќие во општините Дебар и Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба, помина мирно, а безбедносната состојба е стабилна, соопшти МВР.

Во полициската станица во Дебар и во полициската канцеларија во Центар Жупа, не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир, кражби или други имотни деликти и не се регистрирани сообраќајни незгоди. Активностите на полициските службеници се во согласност со оперативниот план за работа и во координација со локалната самоуправа, со кризниот штаб, со Центарот за управување со кризи и се во насока на контрола на целото подрачје, посебно на угостителските и другите јавни објекти (маркети, ноќни клубови, фитнес салони, обложувалници). Целта е доследно спроведување на мерките за спречување на внесување, ширење и за сузбивање на корона вирусот.

На терен без проблеми и застои се спроведуваат мерките за контрола на патнички и други моторни возила за влез во Дебар и Центар Жупа. Непречено се одвива дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини. Сите правни лица кои вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што, нивните возила, со полициска придружба ќе бидат спроведени до трговските објекти во двете општини.

Од МВР потсетуваат дека влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено оневозможен е, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини. МВР и со апел до граѓаните на двете општини да продолжат да се придржуваат до мерките и препораките.

-Упатуваме апел до граѓаните на Дебар и Центар Жупа, но и до сите граѓаните во државата строго да се придржуваат до препорачаните мерки и насоки усвоени од Владата во врска со спречувањето на ширењето на корона вирусот (COVID-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик, се наведува во соопштението од МВР.

Во општините Дебар и Центар Жупа има околу 25 000 жители, кои откако е прогласена кризна состојба, се целосно затворени во карантин којшто е прв прогласен од појавата на коронавирусот во државата.

Вчера нашиот фоторепортер Борис Грданоски направи еклузивни фотографии од Дебар.

Погледнете ја галеријата.