(Галерија) Старата скопска чаршија место дупки и вирови, ќе добие стабилни улици


Фото: Б. Грданоски

Автентичноста на Старата скопска чаршија нема да биде нарушена, тврдат и од Владата од Општина Чаир, во чии рамки се наоѓа чаршијата.

Проектот што во моментот се изведува во чаршијата е со цел да се заменат оштетените плочки, уништени од атмосферски влијанија, возила за достава и слично, а воедно да се постави подземна електрична и друга инсталација.

Од фотографиите што ги направи нашиот фоторепортер Борис Грданоски се гледа дека интервенцијата се изведува само на улицата пред некогашната стоковна куќа „Илинден“ која води кон Чифте амам.

За реализација на проектот Општина Чаир ги има добиено сите потребни дозволи од надлежните институции меѓу кои и од Управата за заштита на културното наследство која врши надзор врз целиот процес, тврди градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.

Под-проектот предвидува санација на калдрмата на еден дел од главната улица „Битпазарска“ како и конзервација, реставрација и санација на повеќе дуќани кои го нарушуваат автентичниот лик на Стара чаршија која со закон е прогласена како културно наследство од особено значење „Службен Весник на Република Северна Македонија” бр. 130/08, соопштија попладнево од Владата.

 

Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски

Проектот е финансиран од Светска банка со грант во износ од околу 600 илјади евра, а предвидува поставување на камен со ист материјал како и претходниот травертин на површина од 1.800 метри квадратни, дозволен според извештајот на лабораториската анализа за исполнување на условите, тврди Ганиу.

„Камењата травертин што сега се вадат, не се продаваат како што некој сака тоа да го прикаже. Тие се собираат и складираат и во следниот период ќе ги класифицираме и ќе ги употребиме на улицата ‘Самарџиска’ во чаршијата“, вели Ганиу.

Проектот опфаќа и реставрација на 75 дуќани и унифицирање на излозите, поставување на натписи и тенди на објектите, целосна сигнализација на чаршијата… (Б.Б.)