(Галерија) Со сонцето стигнаа и новите мерки


Фото: Б. Грданоски

По снег и дожд, Скопје денес го огреа сонце, а стабилното време со температури околу 20-от степен ќе се задржи во текот на целата недела. Со топлото време кое ги извади Скопјани надвор и покрај апелите да се остане дома, стигнаа и новите мерки со цел да се успори ширењето на вирусот.

Од среда 8 април 2020 година полицискиот час наместо во 21 часот како што беше случај досега, ќе почнува во 16 часот и ќе трае до пет часот наутро, на целата територијата на Република Северна Македонија. За време на викендот се забранува движење за сите граѓани од петок од 16 часот до 05 часот во понеделник на целата територија на државата.

Согласно денешното владино дополнување на одлуката за забрана на движење, за лицата над 67-годишна возраст се забранува движењето од понеделник до петок, освен во периодот од 10 до 12 часот, додека за младите до 18 години се забранува движење во текот на сите работни денови, освен во периодот од 13 до 15 часот.

Се забранува движење на граѓаните и на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што дозволено е родител да биде во поголема група со своите деца до 14 години.

Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.

Според експертите, во наредните две до три недели ќе го достигнеме пикот на бројот на заразени од коронавирусот кој најверојатно ќе биде помеѓу 2000 и 2500 потврдени случаи.

Фото: Борис Грданоски