(Галерија) Скопје за време на полицискиот час


Фото: Б. Грданоски

Празни улици, по некое возило и по некој осамен намерник. И, се разбира, полициски патроли. Вака вечерва изгледаа улиците на Скопје, видени низ објективот на нашиот фоторепортер Борис Грданоски, по почнување на полицискиот час во 22 часот.

Забраната е до 05 часот изутрина, и во овој временски период движењето е ограничено, а од Министерството за внатрешни работи најавуваат засилени контроли.

Полицискиот час ќе трае до 22 март. Одлуката ја донесе Владата на предлог од Комисијата за заразни болести која очекува дека со една ваква рестриктивна мерка ќе се намали бројот на заболени и хоспитализирани лица.

Ограниченото движење нема да важи на оние граѓани кои имаат потреба од итна медицинска помош, за економските оператори чија работа е 24 часовна, за патниците кои доаѓаат или заминуваат од меѓународните аеродроми, како и за транспортерите на лица и на стока.

Полициски час беше воведен и минатата година како рестриктивна мерка за спречување на ширењето на Ковид-19.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој вечерва беше во обиколка на неколку пункта за да види како се спроведува полицискиот час, порача дека оваа рестриктивна мерка мора во целост да се спроведе и оти нема да има отстапки за никого. Апелираше до сите граѓани да ја почитуваат забраната за движење, а за оние кои нема да ја почитуваат мерката, најави прекршочни и кривични санкции.

„Оваа е мерка која никој не ја посакува, но е неопходна ако сакаме да го прекинеме ланецот на ширење на вирусот и токму заради тоа мораме сите да се придржуваме кон неа. Очекувам, како што започнавме оваа вечер, преку почитување на оваа мерка за забрана за движење, заеднички да допринесеме во наредните 14 дена да имаме намалување на ширењето на вирусот, стабилизација на состојбата и зачувување на здравствениот систем. Убеден сум дека заедно ќе ја добиеме и оваа битка против Ковид-19“, изјави Спасовски.

Информираше дека сите полициски службеници се на терен согласно плановите за реализација на одлуката за полициски час. 

(Фото: Борис Грданоски)