(Галерија) Скопје тивок за викенд со целодневен полициски час


Фото: Б. Грданоски

Скопје се разбуди со сонце но и со пусти улици, без граѓани и автомобили.

Фотографиите на нашиот фоторепортер Борис  Грданоски ја доловува утринската слика на Скопје во тишина но и вчера пред 16 часот и за време на полициски час.

Државата е во фаза кога воведените мерки се најстроги, денеска е прв ден од викендот со целодневен полициски час. Од вчера од 16 часот жителите на нашата држава ќе останат во своите домови до понеделник до 5 часот наутро, каде ќе поминат 61 час во обид да се намали ширењето на коронавирусот, кој до денеска одзеде 32 животи и заболе 711 лица.

Од забраната изземени се полицијата, армијата, здравствените работници, а исто така не важи и за маркетите и рестораните кои се доставувачи на производи. Аптеките ќе работат непречено.

Со почитување на мерките, според министерот за здравство Венко Филипче се инвестира во сопственото, но и во колективното јавно здравје. Забраната, како овој викенд, ќе важи и за време на претстојните верски празници.

Министерството за внатрешни работи, пак, како што најави дополнителната министерка Славјанка Петровска е целосно подготвено да одговори на задачите за време на продолжениот викенд полициски час.

За време на полицискиот час Државниот пазарен инспекторат во секој град има дежурни екипи кои ќе вршат проверка на маркети кои работат и дали имаат соодветни дозволи, изјави директорот на државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски.

– Освен маркети кои се определени од Кризниот штаб во градовите, другите немаат право да работат и доколку бидат затечени дека работат ќе бидат санкционирани, нагласи Пауновски.

Појасни дека за сите угостителски објекти на кои е направен записник и се затворени од страна на Државниот пазарен инспекторат, најпрво се доставуваат платни налози за глоба, па доколку не се платат во определениот рок, тогаш се упатуваат на суд.

Покрај 61 часовниот полициски час во самоизолација уште седум дена ќе останат лидерите на двете најголеми политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицковски кои вчера се тестираа на коронавирусот и  двајцата имаат негативни резултати.

Двајцата лидери беа испитани откако беше потврдено дека позитивен на коронавирусот е новинарот во чија емисија гостуваа.