(Галерија) Скопје се задушува во смог


Смогот повторно го поклопи Скопје, придонесувајќи македонската метропола уште еднаш да се најде меѓу најзагадените градови во светот, според податоците на платформата IQAir. Индексот на квалитетот на воздухот попладнево по 16 часот беше 154 и ја доби ознаката „нездраво“, додека количината на ПМ2,5 честичките беше 60,2 милиграми на метар кубен, според податоците на познатата платформа зад која стои швајцарска компанија.

Поради ова Скопје попладнево беше на 17-то место на листата најзагадени градови во светот, каде што доминираат оние од Азија, пред се од Индија, Пакистан, Кина, Виетнам, но на високото четврто место е и еден град од соседството – Сараево, а на деветото – Приштина. Меѓу најзагадените денеска се најде и Белград, веднаш зад Скопје.

За причините за загадувањето во македонската метропола многу пати е пишувано, но иако критиките се гласни, ниту една владејачка гарнитура до сега не успеала да понуди трајни и издржливи решенија кои ќе го решат проблемот макар на среден рок.

Екологистите нагласуваат дека не се доволни парцијални решенија, туку системски кои заедно можат да дадат некаков резултат.

Во меѓувреме, Светска банка уште еднаш го вклучи алармот – со констатацијата дека загадениот воздух годишно убива околу 2.800 македонски граѓани, при што најизложени на штетните честички се жителите на Скопје и на Тетово.

Надлежните прстот за состојбите го упатуват кон начинот на греење во домаќинствата, како и индустријата, а потоа урбаниот транспорт и други фактори.

Сепак, нема одговор зошто состојбите не се менуваат – граѓаните имаат малку алтернативи за загревање, процесот на гасификација споро се реализира, поточно е да се каже дека тапка во место, барем кога станува збор за достапноста на гасот за домаќинствата, возниот парк на градскиот превоз е меѓу најзастерените во Европа, а дури и донациите од еколошки автобуси, како неодамнешната од ЕУ која додели шест такви возила, се уште не се ставаат во промет… да не зборуваме за состојбите во Градот Скопје, каде што не се изгасува одлуката за набавка на нови возила за потребите на јавниот превоз.

Повремено се спроведуваат акции за субвенционирање на домаќинствата кои ќе набават инвертер клими, но тоа е само капка во морето на работите кои можат да придонесат да се намали загадувањето.

Министерството за животна средина излезе со Програма за почист воздух 2024–2030 година, каде што како  главни причини на загадувањето на воздухот се посочени согорувањето на цврсти горива, согорувањето на огревно дрво и друго во домашни ложишта, согорувањето цврсти горива во индистријата, согорувањето на потешки течни горива, сообраќај (дизел возила), согорување на мазут и екстра лесно гориво (во котли и печки). Од таму посочувата на мерки кои треба да дадат резултати на среден рок.

Во меѓувреме, Скопје денеска изгледаше како што тоа го илустрираат фотографиите на нашиот фоторепортер Борис Грданоски: место на опасно живеење.