(Галерија) Се преправаат во мажи за да остварат женски права


Иранските жени речиси 40 години живееја со забрана за влез на стадиони и присуство на фудбалските мечеви. Но, животната приказна на Зејнаб предизвикува восхит за преземените чекори, па и ризици, ако сакате, по сопственото здравје и живот за уживање на магијата на најважната споредна работа во светот. Во јавноста ја изнесува фотографот Фороу Алаеи кој со серијата на објави ја доби наградата за најдобра светска фотографија на тема „Плачење за слобода“.

На Зејнаб ѝ требаат 15 часа пат со воз од Ахваз до Техеран за да гледа натпревар на Персеполис, нејзиниот омилен фудбалски клуб. За задоволување на страста одеше и против строгите закони во земјата што беа донесени по Исламската револуција во 1979 година. Храбро пркосеше на забрана за жени на стадионите во Иран и постојано наоѓаше начини како да ја заобиколи и да навива за „црвената армија“ како што е популарниот прекар на клубот од иранската престолнина. Никогаш не се откажуваше ниту колебаше. Напротив. Секогаш бараше различни форми и методи за влез на стадионот „Азади“. И успеваше како што успеаваа и многу други Иранки. Еден од нив се однесуваше и во менување на изгледот во момче иако беше свесна за можно апсење. Меѓутоа пасијата за фудбал и за борба за правата на жените беше поголема и над се.

За време на посетата на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино на Иран во 2018 година беа уапсени 35 жени поради нивната желба да влезат на стадион и да го гледаат мечот меѓу Персеполис и Естеглал. Го искористија присуството на челникот на светската Куќа на фудбалот за зголемување на притисокот врз иранските власти за симнување на забраната и отворање на фудбалските храмови и за припадничките на понежниот пол.

Тоа беше почеток на правањето на компромис на Владата на Иран која по четири децении ги ослободуваше стегите и даде дозвола за жени на трибини за некои мечеви на стадионот „Азади“ што на персиски значи „слобода“.