(Галерија) Празнична репортажа од „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје


Фото: Б. Грданоски

Голем број верници, кои за продолжениот празничен викенд по повод Голема Богородица останаа во Скопје, ја посетија црквата „Рождество на Пресвета Богородица“, да запалат свеќа пред заштитничката на градот.

Нашиот фотограф Борис Грданоски посведочи на дисциплината на верниците, но и подготвеноста на црквата да ги прими верниците на овој голем ден, а сепак, да се испочитуваат протоколите за заштита од корона вирус.

Фото: Б. Грданоски

Очекувајќи голем број верници за празникот, низ целата црква, но и во широкиот двор беа обележани местата за стоење, со кои се овозможуваше препорачаното растојаие меѓу луѓето.

Маски носеа сите, и верниците и свештениците. Иконите редовно се дезинфицираа и пребришуваа, за секој да може безбедно да одаде почит пред Богородица, но да се заштити и себеси и другите.

Фото: Б. Грданоски

Празникот, меѓу народот познат како Голема Богородица или Успение на Пресвета Богородица е меѓу дванаесетте големи христијански празници. Поради големиот култ што го има мајката Божја меѓу верниците, овој празник се празнува многу свечено со големи народни собири, кои годинава беа откажани поради пандемијата од корона вирус.

Народот верува дека Богородица е заштитничка на леунките и на жените им помага при породувањето. Исто така и жените што немаат деца веруваат дека со милоста на Пресвета Богородица ќе добијат рожба поради што ги посетуваат нејзините цркви, изведуваат некои обичаи, се молат и принесуваат дарови. Македонскиот народ со повеќе свечености, но и со народни собири, панаѓури и слично го прославува овој празник.

Голема Богородица, која секоја година се одбележува на 28 август, е неработен ден за сите граѓани од православна вероисповед.