(Галерија) Православните верници побрзаа во црквите за Голема Богородица
Од повеќето празници посветени на пресвета Богородица овој е еден од најзначајните, па народот го слави во сите цркви
Православните верници во земјава денеска побрзаа во црквите да оддадат почит кон големиот празник Успение на Пресвета Богородица, попознат кај народот како Голема Богородица.
Од повеќето празници посветени на пресвета Богородица овој е еден од најзначајните. Затоа народот овој празник го нарекува уште и Голема Богородица.
Во македонските цркви и манастири можат да се сретнат прекрасни претстави на настанот што црквата го слави денес. Обично се наоѓаат над влезната западна врата на црквата.
Инаку, самиот збор успение значи заспивање; поинаку кажано, не се слави смртта, туку христијаните го празнуваат вознесувањето на Богородица во небесните живеалишта.
Како заштитничка на луѓето, овој ден се одбележува и со хуманитарни акции, како традиционалното дарување крв, што годинава се спроведува по 22 пат. Честитики по повод празникот упатија и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Собранието, Африм Гаши, премиерот Христијан Мицкоски, и други функционери и политичари.
По повод празникот Успение на Пресвета Богородица, утрово, во манастирот кај Матка одржа богослужба Неговото Блаженство поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан.
Синоќа во пресрет на еден од најголемите христијански празници кај народот познат како Голема Богородица се одржа вечерна богослужба и сеноќно бдеење.
На овој ден илјадници скопјани и жители од други делови на земјата, христијани, но и муслимани доаѓаат во манастирот да се помолат за здравје пред Мајката Божја.
Нашиот фоторепортер, Борис Грданоски, денеска направи впечатлива фото-сторија која ја прикажува атмосферата во храмот „Рождество на пресвета Богородица“ во Скопје, која се наоѓа покрај Вардар, во центарот на градот.