(Галерија) Прајд хепенинг во Градски парк на 40 степени


Граѓани, популарни пеачи, политичари, активисти, поддржувачи на ЛГБТ заедницата се собраа денес во Градскиот парк во Скопје кај популарната Школка на хепенинг во рамки на годинашната Парада на гордоста што по втор пат се одржува во главниот град на Македонија.

Иако беше еден од најтоплите денови годинава, сепак, во паркот присутните се забавуваа со звуците на популарни песни, како со евровизиската „​Here I Stand“, на Васил Гарванлиев со која тој ги поздрави присутните, но и со други изведувачи и  диџеи. 

Во своите обраќања активистите порачаа дека се потребни промени во општеството, како и дека со денешната Парада на гордоста и со хепенингот сакаат да ја афирмираат борбата за видливост и рамноправно учество во сите сфери на живеење.

Од Парадата на гордоста една од главните пораки беше дека е потребно итно донесување на Законот за правно признавање на родот, затоа што, како што порачаа учесниците „сè додека секој од ЛГБТ заедницата не излезе од приклештеноста на системски бариери, никој од нив не е слободен“.

Но, исто така нагласија дека испраќаат јасна порака – колку пропагандата и нападите против нив се големи и силни, толку повеќе нивниот отпор ќе биде посилен, повикувајќи на суштински реформи во целото општество и за демократизирање на институциите во државата.

Ова е втора Парада на гордоста која почна на пладне во центарот на Скопје од каде што маршот продолжи до Градскиот парк и е предвидено да заврши во 17 часот. (Фото: Независен.мк)