(Галерија) Палата Сансучи: Спокојот во германскиот Версај

Речиси неверојатен спокој и тишина владеат во паркот Сансучи во Постдам, домот на последните пруски кралеви меѓу кои и најголемиот – Фридрих Велики, по кој се именувани повеќе улици и други јавни објекти низ Германија. „Сансучи“ во превод значи „без грижа“, а тоа и била целта на големиот пруски крал кога посакал да ја гради својата летна резиденција која ќе им пркоси на ројалистичките накитени палати низ Европа. Иако многумина палатата Сансучи ја споредуваат со Версај, таа сепак е спротивното – повеќе е простор за уживање во природата, градинарството, отколку за забави, скап мебел и китење со уметнички слики. Сместена на височина, на неа се надоврзуваат скалести лозја и садници со смокви што кралот толку ги сакал, што им обезбедил и зимска заштита – специјални стаклени огради пред потпорните ѕидови на кои растат, со кои ги затвораат во зимскиот период за да не измрзнат. Лозовите тераси водат кон раскошна фонтана со мермерни статуи и водени езера наоколу, што е единствената причина што Сансучи го добил и прекарот „германски Версај“.

Но, Сансучи е само една од повеќето палати кои од овој комплекс прават историја. Највеличествена, и по големина и по убавина, е Новата палата во барокен стил, украсена со 400 статуи од врвни тогашни уметници, зад која стои величествена влезна порта, всушност, збир од други палати и колонади. За да ѝ се одреди статусот на Новата палата, која била изградена подоцна од Сансучи и служела за социјални собирања, концерти, приеми, театарски збиднувања, до неа води главната патека која го дели огромниот парк на два дела. Патот до неа е главниот ориентир во паркот, во кој на секој чекор има изненадувања. Па, така во него може да се најде и мала палата наречена „Куќа за чај“ , како резултат на тогашната фасцинираност низ Европа од сè што доаѓало од Кина, а особено ликерот, чајот, порцеланот и свилата. Градена била во замислен кинески стил бидејќи знаењата за таа земја биле мали во тој период, па ваква зелена, барокна, раскошна и златна никој денес не би ја препознал како кинеска инспирација.

Низ преубавиот парк има и внатрешно организиран превоз бидејќи со тој формат тешко е и да се изоди, и да се видат палатите. А на тој пат ќе сретнете куќа изградена во италијански стил, палатата Шарлотенхоф со цветна градина и езера, Оранжеријата (палата околу која има стакленици во кои се одгледувале портокали, дињи и други овошки), Романски бањи, па и воденица… Сепак, за време на комунизмот во Источна Германија, целиот овој историски простор бил занемарен, а тоа се чувствува и сега, бидејќи силно е чувството како времето да застанало тука, како да сте се вратиле во некој минат век и спокојно без брзање ги трошите убавините на една златна ера во Германија.