(Галерија) Отворена патувачката изложба „Толеранција“ на Мирко Илиќ
На Архитектонскиот факултет во Скопје вечерва беше отворена патувачката изложба „Толеранција“ на светски познатиот илустратор Мирко Илиќ.
До сега изложбата била претставена во 40 земји, вклучувајќи ги САД, Бразил, Јапонија, Кина, Германија, Словенија, Аргентина, Босна и Херцеговина, Италија, Хрватска и Португалија.
Пред македонската публика претставени се повеќе дела на кои на разни јазици е напишан зборот толеранција.
Дел од постерите се поставени и на оградата на Архитектонскиот факултет, кои можат да ги разгледаат и случајните минувачи.
Проектот „Толеранција“ започнал во 2017 година по филмскиот фестивал „Куќа на толеранцијата“ во Словенија, кога Илиќ побарал од 28 уметници да дизајнираат постери со темата толеранција, пишувајќи „толеранција“ на својот роден јазик. Оттогаш, проектот патува низ светот, а во секој град се додаваат нови уметнички дела од локални дизајнери. Македонскиот дизајнер Никола Војнов е автор на плакатот за изложбата во Скопје.
Меѓу присутните на отворањето на изложбата вечерва беше и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Илиќ е роден во 1956 година во Босна и Херцеговина и стана познат со своите илустрации во поранешна Југославија. Како стрип-уметник и графички дизајнер сега е со седиште во Њујорк.
По преселбата во Њујорк, Илиќ станал познат преку својата работа за „Time“, „The New York Times“ и „The Wall Street Journal“, а неговите дела се дел од колекциите на „MoMA“ и „SFMOMA“.
На Архитектонскиот факултет, Илиќ вчера одржа и предавање на тема „Дизајн активизам“.
(Фото: Б. Грданоски)