(Фото-галерија) Охридска новогодишна бајка

И покрај пандемијата угостителите и хотелиерите очекуваат добра посетеност. Градот под Самоиловата тврдина е украсен, а најавена е и богата музичка програма


Македонскиот туристички бисер Охрид и годинава со сиот свој раскош ги очекува гостите од целиот свет за пречек на Новата Година и Божиќните празници.

И покрај пандемијата угостителите и хотелиерите очекуваат добра посетеност, а Општината се потруди амбиенот да биде збогатен со украсување на градот под Самоуиловата тврдина и со соодветна програма за претстојните празници. 

Како изгледа Охрид на неколку дена пред новогодишната ноќ, погледајте од нашата галерија, снимена вчера вечер. 

Инаку, од Општина Охрид неодамна ја објавија музичката програма за прослава на Новата 2022 година, на која ќе настапат бројни домашни естрадни уметници.

Така, според најавата, Охриѓани и гостите кои новогодишната ноќ ќе ја поминат на плоштадот „Свети Климент Охридски“ ќе гги забавуваат „Ле-трик“, „Бекдор-Бенд“, „Камелеон“, „Урбан планет“, Ѓоко Танески и Татијана Стефаноска, а сспецијален музички гостин на вечерта ќе биде Верица Ристеска.

Исто така присуние ќе ги забавуваат диџеите „Фејс“ и „Гец“ заедно со Јана Слеј.

На плоштадот ќе има забава и на 1-ви јануари, од 13:00 до 15:00 часот, кога ќе настапат познати музички имиња од Охрид со репертоар од охридски композиции. На 2-ри јануари, од 13:00 до 15:00 часот ќе настапи „Ансамбл Билјана“ со специјална програма „Охрид Охрид убав мил“, информираа деновиве од Општина Охрид. 

„Во Охрид за новогодишните празници се најавени странски туристи кои ќе го посетат градот и ќе уживаат во убавините на Охрид, така да ние не смееме да си дозволиме да имаме неукрасен град. За новогодишната вечер ќе има скромен настан на градскиот плоштад на кој ќе настапат само охридски изведувачи кои ќе ги забавуваат гостите“, истакна градоначалникот Кирил Пецаков.

Туристичките работници велат дека дополнителните рестрикции во Европската унија поради новиот сој на корона вирусот и најавените редуцирања на чартер летовите од нискобуџетни компании ќе се одразат врз туристичкиот сектор и врз слободното патување на туристите кои сакаат да патуваат во овој период од годината.

 

Сепак, и покрај тоа очекуваат  Охрид да биде полн како и останатите години.

(Фото: Независен.мк)