(Галерија) Обој го градот
Сивилото, како знак на модерната архитектура, губи од атрактивност. Иако се градат сè повеќе нови зданија од стакло, метал и бетон, инспирација низ Европа сè повеќе се бара таму каде што има бои. Гамла Стан во Стокхолм, Ковент Гарден во Лондон, Псири и делот околу Акропол во Атина, Хакешермаркт во Берлин, старите куќи низ Хања и Ритимно во Крит, графитите во етноквартот со ресторани во Хамбург, кафетериите во Санкт Петербург, покрај веќе познатото Чинкве Тере… зрачат од жолто, розово, црвено, сино или од сето тоа – како графити. Во Германија има и закон со кој се забранува цртањето по ѕидови, но тоа не ги спречува тамошните креативци да се изразат масовно на ваков начин, правејќи од графитите бренд на градот. Така, поранешниот еврејски кварт во Берлин, Хакешемаркт, стана најпосакуваниот и најфотографиран дел од градот, покрај познатите графити на остатоците од Ѕидот. Тоа стана веќе и проблем за сопствениците на рестораните кои не можат да функционираат од навалата на туристите со фотоапарати додека седат гостите.
Во Атина под Акропол старите куќи што плачат за нови фасади станаа главна атракција на туристите на патот кон античкиот комплекс, па и некој вид компас што ги води дотаму. И студениот и магловит Лондон доби оаза во Ковент Гарден, најактуелниот и најтренди кварт во градот, околу кој се собраа брендовските продавници за млади и сè што значи стил, уметничка наклонетост и алтернативност. Покрај Берлин и Атина, една од престолнините на графитите е и Прага, а на боите не им одолеа ни северниот Хелсинки каде што во центарот на градот боде очи ресторанот украсен со разнобојни столови и други украси.