На Криволак 4.600 војници од осум држави демонстрираат „Брз одговор 22“ (Галерија)

На 8 мај – недела на спортскиот аеродром Стенковец ќе се одржи отворен ден на кој ќе бидат изложени сите 45 воздухоплови кои учествуваат во вежбата


Фото: Б.Грданоски

Комплексна воена вежба „Брз одговор 22“ („Swift Response 22) која вклучува 4.600 војници, од осум држави – Северна Македонија, САД, Обединетото Кралство, Италија, Франција, Црна Гора, Албанија и Грција ќе започне викендов на армискиот полигон Криволак и е досега најголемата вежба што се реализира во земјава.

(Фото: Б.Грданоски)
(Фото: Б.Грданоски)

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска по брифингот на кој беа презентирани можностите и целта на учесниците на мултинационална вежба изјави оти за нив, како Министерство за одбрана и како Армија е голема чест да бидат домаќини на ваква вежба. Таа изрази убедување дека припадниците на нашата Армија и на МО ќе го покажат тоа што најдобро го знаат и умеат.

(Фото: Б.Грданоски)
(Фото: Б.Грданоски)

„Целта на оваа вежба има два аспекта. Тоа е подготвеноста на нашата македонска Армија за вакви комплексни вежби што ги изведуваме заедно со сојузниците, при што се покажува нејзината подготвеност, нивото на операбилност, но и начинот на кој се соработува со армиите во рамки на НАТО. Второ, што е исто така значајно за нашата држава – ги покажува капацитетите и способностите на тренинг центарот Криволак“, потенцира Петровска, додавајќи оти Криволак е сериозен тренинг центар, на кој сите членки на Алијансата ќе ги користат нејзините поволности.

Министерката Петровска ги повика граѓаните на 8 мај – недела во периодот од 10 до 16 часот на спортскиот аеродром Стенковец на отворен ден, кога ќе бидат изложени сите воздухолови кои учествуваат во вежбата, а тоа се 45 најразлични воздухоплови, авиони и хеликоптери. Ќе бидат изложени воздухопловите на Армијата и МВР. На 12 мај ќе биде отворениот Ден за високи гости.

(Фото: Б.Грданоски)
(Фото: Б.Грданоски)

Амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј, која беше на „Криволак“ заедно со министерката Петровска, изјави дека „Брз одговор 22“ е вежба на сојузничките воздухопловни десантни сили, дел од пошироката серија вежби што се одржуваат низ цела Источна Европа.

Информира дека за време на вежбата ќе видиме и 22 воени борбени авиони и транспортни воздухоплови, како и 23 хеликоптери на сојузничките сили, кои ќе ја покажат волјата и способноста да ги бранат своите челенки.

„Ќе се покаже колективната подготвеност и способност и трансатлантската врска што го направи НАТО најсилниот сојуз во модрената светска историја“, изјави меѓу другото амбасадорката Галовеј.

(Фото: Б.Грданоски)
(Фото: Б.Грданоски)

Таа меѓу другото наведе дека 1.800 падобранци од борбениот тим на 16. воздушна јуришна бригада од Обединетото Кралство за да го покажат воениот професионализам.

„Силите на Обединетото Кралство, кои учествуваат во вежбата се способни, високо обучени, добро опремени, логистички добро поддржани“, рече таа.

Обединетото Кралство, потенцира, е близок сојузник на Северна Македонија и можете да се потпрете на нашата поддршка како на сојузник на НАТО. -Нашите армии тесно соработуваат уште во периодот на пристапувањето во Алијансата и ќе продолжиме со таа пракса. Според амбасадорката Галовеј, треба да инвестираме и во традиционалната одбрана и во модерните капацитети, да продолжиме да работиме заедно како блиски партнери во НАТО, додаде таа.

(Фото: Б.Грданоски)
(Фото: Б.Грданоски)

Бригадниот генерал Џозеф Хилберт изјави дека вежбата „Брз одговор 22“ е клучна за командата на копнената војска на САД за Европа и за Африка, како и за сите сили на НАТО затоа што, истакна, на овој начин ја демонстрираме нашата интероперативност, но во исто време ја извежбуваме не само нашата индивидуална подготвеност, туку и колективно на ниво на Алијансата.

(Фото: Б.Грданоски)
(Фото: Б.Грданоски)

„Не би можеле едни без други да покажеме што можеме. Заедно сме посилни како сојузници“, изјави бригадниот генерал Џозеф Хилберт и се заблагодари за нашата поддршка и придонес во овој, како што рече, голем сојуз.