(Галерија) Матурантите танцуваа: Сакајте се, не бидете насилни!


Матуранти 2023 (Б. Грданоски)

На матурската парада 2023 која се одржа на плоштадот во Скопје, паралелно со одржувањето на истата манифестација во 50тина други градови од Централна и Источна Европа, министерот за образование и наука Јетон Шаќири на матурантите им посака многу среќа и успех понатаму во животот, очекувајќи како што рече, сегашните генерации да бидат предводници на нови позитивни промени и на просперитетот на државата. 

„Сега сите се наоѓате пред испитот на зрелоста, на крстосница на која мора да одлучите во кој правец ќе се движите. Некои од Вас ќе одлучат да го продолжат образованието и јас давам совет, освен по личните афинитети и желби, да се водите и според информациите за тоа каков кадар недостасува на пазарот на трудот. Така работодавците сами ќе ве бараат. Некои пак, директно ќе се вклучат на пазарот на трудот. И нив ги советувам, да продолжат да се надградуваат, да ја користат секоја прилика за стекнување нови знаења и вештини. Сепак, образованието не е чин, туку процес кој трае цел живот“, рече министерот.

Матуранти 2023 (Б. Грданоски)

 Честитајќи им го матурирањето, рече дека верува во младите и во нивната енергија која допрва треба да ја преточат во конкретни дела во своја и во корист на државата. 

„На овој убав настан сакам да испратам и една многу важна порака, за ширење на мир, љубов, толеранција и почит. Сакајте се и почитувајте се меѓу себе. Немојте никогаш да бидете насилни. Почитувајте ги различностите и на нив гледајте како можности за обединување, а не како предизвици“, истакна министерот.  

Точно напладне, по 14-ти пат матурантите од скопските училишта го одиграа Штраусовиот кадрил. Настанот е под покровителство на Град Скопје, а го организираат здружението Дирекција за култура и уметност на Скопје и танцовиот спортски клуб „Ритам плус“.

Погледнете ги фотографиите на Б. Грданоски: