(Галерија) Матка никого не остава рамнодушен
Фотографиите на нашиот фоторепортер Борис Грданоски, на најдобар можен начин ја покажуваат сета раскош и убавина на кањонот кој е на само 17 километри од Скопје
Толку блиску до градската врева и жешкиот асфалт, а сепак како да е на „друга планета“ – кањонот Матка никого не остава рамнодушен.
„Можете да уживате во пешачење, кајак или патување со брод низ кањонот. Погледот го одзема здивот. Областа е огромна, така што можете да шетате овде цел ден. Исто така, има ресторани, каде што можете да вкусите вкусна храна. Никогаш нема да зажалите!“


Ова е само еден од многуте коментари кои намерниците, или туристите кои само транзитираат низ нашата држава и имале можност да го посетат ова волшебно место на 17-тина километри од Скопје, ги оставаат на некоја од интернет платформите каде што нема мамење.

Матка и деновиве е омиленото место каде што скопјани најчесто бегаат од летните горештини. Некој со автомобил, други со градски автобус, а многумина и со велосипеди. Оние поамбициозните, на кои планинарењето им е во крвта, знаат да испешачат прво до Крстовар, врвот на Водно, па оттаму да се упатат по сртот на планината кон запад, по обележена планинарска патека до манастирот Свети Никола Шишевски, од каде што имаат две можности, да се симнат по патеката кон реката Треска, или околу карпата која алпинистите ја користат како своевиден тренинг центар, да излезат над браната на брегот на езерото, каде што со удар во ѕвоното, за мал надомест, со чамец ќе бидат префрлени на другиот брег, до манастирот Свети Андреја.


А, таму, секој според своите желби – оние кои сакаат да возат кајак по мирните води на езерото, тоа можат да го сторат за околу 200 денари за еден час изнајмување, другите да го истражат кањонот со тура со чамец кон надалеку познатата пештера Врело, да се упатат пешки по некоја од планинарските патеки, или едноставно да се воодушевуваат на локалните млади жители кои се натпреваруваат меѓу себе во скокање во длабоките води на Матка од една од карпите. И, се разбира, да направат неизоставно селфи, но и панорамска фотографија од волшебната убавина која што ја нуди кањонот.



Под браната, на реката Треска, е познатата кајакарска патека на диви води на која веќе 51 година се одржува Илинденскиот кајак слалом или ИКАС, на кој учествуваат кајакари од нашата држава и од странство. Дури и сега, кога испуштањето на водата од браната е намалено, патеката е едно од омилените места за излетниците.
Ова уникатно место е дом на над илјада растенија од кои дваесетина отсто се ендемски, како и на 119 видови дневни и 140 видови ноќни пеперутки…



Повеќе од доволно пред шест години британски Гардијан да ја вброи и Матка меѓу десетте најубави европски кањони за пешачење и планирање.
А, ако сето ова не е доволно, тогаш фотографиите на нашиот фоторепортер Борис Грданоски, на најдобар можен начин ја покажуваат сета раскош и убавина на Матка. (М.Ј. – Фото: Борис Грданоски)



