(Галерија) Магична вечер во Скопје со песните на „Архангел“ во изведба на Филхармонија и Ристо Вртев


Кога не едно место ќе се спојат неколку креативни состојки – песните на култниот бенд „Архангел“, фронтменот на групата, харизматичниот Ристо Вртев и Филхармонија која многу пати до сега покажала дека не ѝ е фах само класиката, туку и современите музички форми, овој пат под диригентската палка на креативец како што е Џијан Емин, тогаш резултатот е магична вечер во Скопје и своевиден музички земјотрес.

Синоќешниот двочасовен концерт на Филхармонијата, по повод на одбележувањето на 58 годишнината од катастрофалниот скопски земјотрес, покажа дека скопјани, но не само тие, се гладни за музика во живо.

Илјадници присутни, фанови на „Архангел“ и почитувачи на Филхармонијата, го исполнија просторот помеѓу фонтаната „Лотосов цвет“ и популарното Езерце во Градскиот парк и уживаа во песните на една од најголемите и најавтентични домашни музички групи, овој пат во оркестарско руво и креативно обликувани од диригентот Емин.

По повеќе од една година апстинирање поради пандемијата со корона вирусот, ова веројатно беше најголемиот музички настан на отворено со месеци наназад. Топлото и спарно време не беше пречка присутните да уживаат во одличната музика и исто толку добрата изведба на музичарите од Филхармонијата.

Можеби и затоа како сите да подзаборавија на мерките кои се препорачуваат – па ретко кој носеше заштитна маска или држеше дистанца.

„Чудесен свет“, „Нова вера нова библија“, „Uber Makedonishe“, „Заумна сила“… ечеа под топлото скопско небо, исполнувајќи им ги душите и срцата на младите, но и на повозрасните кои неколку пати побараа (и добија) „уште“.

Ова не е прв „спој“ на „Архангел“ и Филхармонија. Пред речиси осум години во спортската сала „Борис Трајковски“ беше одржан концерт на бендот „засилен“ со Филхармонијата.

Овој пат, сепак, беше поинаку – иако во преден план доминираше Ристо Вртев и неговите изведби на популарните и култни песни на неговиот бенд, сепак, изборот на репертоарот и аранжманите му беа доверени на диригентот Емин.

Тој во пресрет на концертот, на прес конференција, рече дека и самиот некогаш бил дел од групата како клавијатурист.

Инаку, концертите кои Град Скопје секое лето ги организира со Филхармонија во Градскиот парк последните неколку години се насловени како „Филхармонија на отворено“. Тие секогаш се вистинско уживање за скопската публика која е гладна за квалитетни музички содржини, без оглед дали се свири музиката на Дејвид Боуви, популарни филмски нумери, или како синоќа во фокусот да биде музиката на една од најзначајните домашни рок групи.

Да потсетиме, Ристо Вртев на прес конференцијата изјави дека е задоволство и привилегија за секој музичар да настапува со македонската филхармонија, како и дека со овој концерт ќе придонесат за развојот на културата и културната понуда во Скопје.

Синоќешниот концерт е најдобра потврда за неговите зборови, а фотографиите на нашиот фоторепортер Борис Грданоски на најдобар можен начин ја илустрираат атмосферата, расположението и магијата на концертот. (М.Ј.)