Ковид-19 како инспирација за годинашниот „Статуафест“ (галерија)

Фото: Б. Грданоски
„Статуафест – Другото лице на улицата“ и оваа година испраќа глобална порака, овој пат темата се наметна самата – пандемијата со КОВИД-19.
„Неизбежно беше да ја одбереме актуелната тема која глобално оваа 2020 го парализира светот – коронавирусот, па конкретниот постулат на фестивалот е: ‘Скопје во време на корона’“, велат организаторите „Театроск“ кои стојат за овој интересен настан со поддршка од Град Скопје.
Фото: Б. Грданоски
Целта на овогодинешниот фестивал, како што велат, е преку уличните живи статуи да прераскажат во вкочанета слика, каков беше, а и се уште е животот од месец март па наваму и што точно му се случува на нашиот град, држава и светот воопшто.
Поставката на фестивалот во кој сите артисти се идентични по однос на боја (што преносно, односно симболично означува душа – Tabula Rasa: сите сме исти под сонцето) е да испрати гласна порака преку молчаливата уметност каков не сакаме да биде периодот кој следува, односно она што здравствените работници го нарекуваат втор бран.
Фото: Б. Грданоски

Годинешново издание на „Статуафест“ е четврто по ред. Поради коронавирусот оваа година нема артисти од странство и се одржува според протоколите и мерките на здравствените власти, но општ е впечатокот дека и македонските артисти се на високо ниво.

Фото: Б. Грданоски

Уживајте во фотографиите на нашиот фоторепортер Борис Грданоски од овој настан кој на првиот ден го привлече вниманието на минувачите и намерниците во центарот на Скопје.

Фото: Б. Грданоски
Фестивалот се одржува два дена, на 4 и 5 септември (петок и сабота) од 18 часот, па оние кои сакаат имаат уште една шанса да се сретнат очи во очи со овие домашни улични артисти и преку нивниот статичен перформанс да ја пренесат пораката дека социјалниот живот, макар и со задолжителната дистанца од два метри, опстојува.
А, зошто да не, да направат селфи или некоја добра фотографија.