(ГАЛЕРИЈА) Концертот на Ерос Рамацоти ќе се памети


Долгоочекуваниот концерт на италијанската поп-ѕвезда Ерос Рамацоти, конечно се реализираше вчера во Скопје. Солидно исполнетата А1 – арена со нетрпение го очекуваше стартот на музичкото патување.

Рамацоти го започна својот концерт со водечката нумера од неговиот последен албум „Vita ce ne“, потоа следуваа уште неколку песни од последниот музички материјал како „Per il resto tutto bene“, „Stella gemella“, „Favola“ и други.

Иако скромен во комуникацијата со публика, Рамацоти пренесе убави пораки и не дозволи во ниту еден момент атмосферата да спласне. Се редеа хит-песните како „Un’altra te“, „Più che puoi“, „Se bastasse una canzone“, „Per le strade una canzone“, „Fuoco nel fuoco“, „Cose della vita“, „Più bella cosa“ како и комбинација од познатите три балади „Un attimo di pace / Un’emozione per sempre / Quanto amore sei“.

Концертот на Ерос беше комплетно доживување за публиката, се уживаше во музиката, во настапот и во визуелизацијата која се менуваше во секоја од песните и со тоа оставаше уште поавтентичен впечаток за нумерите.

Освен пеењето, Ерос на дело покажа дека и одличен гитарист и пијанист.

Рамацоти на оваа турнеја е со комплетно своја продукција (звук, светло и видео), а така беше и во Скопје.

Во првата половина од концертот Рамацоти преку видео порака повика на свесност и заштита на природната средина, особено да се внимава со фрлањето ѓубре во океаните, бидејќи многу подводни видови се веќе загрозени.

– Процените се дека до 2025 година ќе има повеќе пластика отколку риби во водите – стоеше испишано како крајна порака по едноминутното видео.

Во публиката имаше шаренолика публика по возрасна граница, но сите ги пееја италијанските хит-канцони.

Концертот на Рамацоти е од оние настани кои ќе се паметат по убават енергија и по целовечерното пеење. За организацијата беа задолжени Авалон продукција.

Ивана Настеска

фото: Борис Грданоски