(Галерија) Како помина првиот училишен онлајн ден во „Орце Николов“?


Градоначалникот Петре Шилегов и министерката за образование и наука, Мила Царовска, денеска го посетија средното училиште на Град Скопје „Орце Николов“, на првиот училишен ден во новата учебна 2020/2021 година.

Заедно со директорот на „Орце Николов“, Митко Димовски, тие се сретнаа со професорите од ова средно училиште кои држеа онлајн настава за средношколците.

За да се заштити здравјето на учениците и на наставниот кадар од ширењето на корона вирусот, новата учебна година стартува со почитување на строги протоколи и онлајн настава која ќе се изведува преку националната платформа за учење од далечина.

На професорите, но и на средношколците од Скопје, Шилегов и Царовска им посакаа успешна учебна година. Тие изразија уверување дека со меѓусебна соработка ќе се надминат сите предизвици што ги наметна новиот начин на настава.