Галерија: Како помина повторното отворање на аеродромот во Скопје


Фото: Б. Грданоски

Двата македонски аеродроми – во Скопје и во Охрид утрово ги примија првите патници, откако повторно беа отворени за сообраќај по 3,5-4 месечна пауза заради корона кризата. Нашиот фоторепортер Борис Грданоски беше на скопскиот аеродром и со својата камера ја документираше атмосферата во терминалната зграда.

Од Скопје први полетаа авионите за Стокхолм, Келн и за Бремен со авиокомпанијата „Визер“, а први беше слетувањето на „Туркиш ерлајнс“, кој од Истанбул во Скопје донесе 104 патници.

„Го пречекавме со авијацискиот поздрав за ‘добредојде’ – воден мост во форма на виножито. Веднаш по него слета и авионот на ‘Пегасус ерлајнс’, исто така од Истанбул, кој во Скопје донесе 125 патника.

Фото: Б. Грданоски

На првиот ден од реотворањето, 1 јули 2020 година, на Меѓународниот Аеродром Скопје се очекуваат 28 лета, со вкупно 1.700 патници“, соопштија одд ТАВ на нивниот официјален Фејсбук профил.

Исто така денеска на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ слета првиот авион, со што и официјално почна главната летна туристичка сезона на охридско-струшкото крајбрежје.

Со првиот лет реализиран од авиокомпанијата во Охрид „Chair Airlines“ пристигнаа првите патници на редовната линија од Цирих. Предвидено е во текот на денешниот ден да биде реализиран и првиот лет од Милано на авиокомпанијата „Визер“. Веќе во текот на оваа седмица е планирано покрај обновувањето на редовните линии да бидат реализирани неколку чартер летови со туристи од Полска и Холандија.

Инаку, отворањето на аеродромите за патнички летови е проследено и со нови мерки со цел заштита од корона вирусот.

Така патниците ќе треба да пристигнат на аеродромите најмалку три часа пред предвидениот термин за полетување на авионот.

Исто така, задолжително ќе треба да почитуваат три основни правила – постојано да носат заштитна маска, постојано да одржуваат безбедно растојание и високо ниво на лична хигиена.

Од влезот во терминалната зграда, се до качувањето во авионот предвидени се процедури со кои целосно се избегнува физичкиот контакт меѓу вработените и патниците. Во терминалната зграда можат да влезат само лицата кои ќе покажат валиден авионски билет (испечатен или на телефон), што значи дека во овој период нема да може да дојдат други лица, односно да бидат испратени од нивни пријатели или членови на нивните семејства.

Понатаму, при влегувањето во аеродромската зграда ги дезинфицираат рацете и чевлите, по што со термална камера им се мери телесната температура. Доколку немаат покачена температура, може да продолжат кон шалтерите за регистрација или саморегистрација.

Предвидено е сите овие процеси да се одвиваат без физички контакт со вработените, односно патниците ќе им го покажат билетот на агентите преку транспарентна преграда и лично треба да го регистрираат својот пасош на фиксираниот читач на шалтерите.

(Фото: Борис Грданоски)