(Галерија) Хамбург: Живот како летување

Иако кај нас асоцијација за море се земји како Грција, Турција или Шпанија, неверојатно доживување е да се потроши некој ден од одморот во град далеку на север, во Германија – во Хамбург. Во непосредна близина на две мориња, Северно и Балтичко, на делтата на реката Елба која е една од најголемите во Европа и која се трансформира во неколку езера низ градот, Хамбург е град буквално од сите страни опколен со вода.

Многуте канали што ги поврзуваат овие водни текови го нарушуваат дури и чувството на ориентација, бидејќи кај и да се свртите – или налетувате на море, или на река, или на канал, или на езеро. Животот овде ни е како постојано да сме на летување – е фраза што се слуша често од локалните жители, кои нагласуваат дека Хамбург, поради водите со кои е опколен, поради зеленилото од парковите, поради спортските можности што ги нуди – е најпосакуван град за живеење во Германија и мета на богатите. Еден сончев ден во Хамбург нуди повеќе можности отколку што можете да исполните. Можете да ручате или само да се напиете кафе на канал во центарот на градот, или од другата страна на улицата да седнете во ресторан на работ на езерото Алстер. Ако имате повеќе време, може да се качите на водена даска или на спортски чамец и да едрите низ езерото, или да возите велосипед или да трчате низ патеката подолга од дваесетина километри околу езерото, патем одморајќи во бродовите претворени во кафе-барови, хранејќи ги лебедите и патките.

Ако сте поамбициозни, денот може да го поминете во Хафен Сити, на излезот на Елба која од Хамбург прави трето најголемо трговско пристаниште во Европа. Многуте бродови, туристички или трговски, со бројните кранови на видикот кои товарат стока, ја прават впечатлива сликата од градот. Чувството дека сте, всушност, на море го прават пореално рибните ресторани на пристаништето и бич-баровите, каде што амбиентот е како на некој карипски остров. Во Хафен Сити е и најубавиот дел од Хамбург, квартот со магацините изградени од црвена тула. Ова е најголем кварт со магацини во светот кои се изградени на дрвени столбови длабоко во водата, кој сега е туристичка атракција и простор во кој е престиж да се има бизнис, поради што непосредно тука е сместен најпознатиот германски неделник „Шпигел“.

Од облакодерот на „Шпигел“-квартот со магацините, патем заштитен како културно богатство од УНЕСКО, потсетува на црвена Венеција која со својата убавина е магнет за сите што сакаат да го почувствуваат духот на Хамбург некогаш. Патем, Хамбург има околу 2.500 мостови кои ги поврзуваат водите низ градот, или како што се проценува, повеќе од Лондон, Амстердам и Венеција заедно и всушност, има повеќе мостови внатре од кој било град во светот, од кои повеќето се железни. Хамбург, исто така, е градот каде што живееле Ангела Меркел, Јоханес Брамс, Хелмут Шмит, Нена од „Евровизија“ и „Токио хотел“. Тоа е, исто така, градот каде што живееле еден период и „Битлси“, бидејќи има екстремно жива музичка сцена и е местото каде што е роден металик-трендот во музиката. Во него, покрај „Шпигел“ е и вториот голем неделник „Цајт“, како и неколку меѓународно големи компании. Богатството што го создава се гледа од фасцинантната културна понуда, покрај другото, со над 40 театри, 60 музеи и стотина музички сали или клубови.

Од поново време градот се „закити“ со преубавата „Елбфилхармонија“, прекрасната стаклена зграда што потсетува на брод и што е надградена врз темелите на старата концертна сала. Хамбург на германски се пишува Хамбургер и иако сите уживаат во алузијата со светски славниот сендвич и го користат во рекламите, нагласуваат дека името на градот нема ништо заедничко со „шунката“ и „бургерот“.