(Галерија) Ѓубрето царува покрај Вардар под Калето

Нашите деца, кои во скопските сали секојдневно тренираат се сведоци на неодржуваните патеки, неосветленоста, високите треви


Депонија покрај Вардар под Скопското кале (Фото: Б. Грданоски)

Ѓубрето во Скопје веќе одамна го има окупирано градот. Не се ни крие повеќе по затскриени агли, темни улички, обрастени патеки. Напротив, распослано е на отворени места, каде фреквенцијата на луѓе е голема и секој може да го види, а и да придонесе со својот џебен отпад.

Плоштадот, улицата „Македонија“, плоштадот „Филип Втори“, кејот на Вардар, не се репрезентативни или токму тоа и се. Па, бесрамно ја покажуваат нашата негрижа, а особено негрижата на властите. Нема да речеме надлежните, затоа што тоа е магичен збор, кој никој не сака да си го прикачи.

Младинската олимпијада што се одржуваше во Скопје, поради која низ градов продефилираа повеќе од 4.000 олимпијци, деца, на возраст до 18 години, ја бранува јавноста откако ги покажа условите во кои децата од 49 земји мораа да спијат, да јадат, да се превезуваат до салите… А, салите посебна приказна. Без соодветно разладување на температури кои таа недела во Скопје достигнуваа до 43 степени Целзиусови, едноставно, бараа ненормална снаодливост на организаторите, за да можат да се одржат натпреварите.

Но, просторот околу нив никој не го спомна. Нашите деца, кои во истите сали секојдневно тренираат или посетуваат некакви спортови се сведоци на неодржуваните патеки, неосветленоста, високите треви, летово жолти, непостоењето паркинзи и желбата на родителите детето – спортист да го донесат до пред вратата на салата, за да не се мачи, даваат една непристојна слика и сосем пограшна за тоа како треба да изгледа еден спортски објект.

Ако само за пример ги земеме двете сали „Кале“ (малата и големата) ќе ја прикажеме сликата за повеќето други. Сето погоре набројано ја отсликува реалноста околу овие две сали, зад кои е сместена и Кошаркарската федерација на Македонија. Но, се чини никому не му смета.

По должината на Вардар во овој дел, лошата приказна продолжува.

Погледнете ги фотографиите на нашиот фотограф, Б. Грданоски, од неговата прошетка покрај Калето.

Ваква е состојбата со базенот под Калето.

Инаку, Општина Центар имала план како да го среди овој простор, а тој бил презентиран уште во 2022 година. Три години подоцна, ова е сликата. На нашето прашање зошто не е спроведен овој план за кој организирале и јавни анкети, од Општината веќе десетина дена молк.

Со новиот ДУП за Кале се предвидува поголемо зеленило

Деновиве, поточно на најжешкиот ден во Скопје, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, заедно со неколку градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, донесоа механизација и работници на Скопското кале за да ги искосат високите треви да подзачистат и најавија дека ќе го средат, дека ќе бидат отворени и двата музеи одамна изградени. Нивниот кандидат за градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски, кој воедно е и претседател на ЗЕЛС е на мислење дека токму состојбата на Калето ја претставува и состојбата на Скопје. Смета дека средувањето на ваквите места треба да е редовен процес, без помпа и медиуми при секоја голема акција, но тоа не му сметаше да се појави со цела свита градоначалници како „спасител“ на Калето, воедно изложувајќи ги работниците на висок ризик по здравјето, со оглед на температурите тој ден.

Калето „страдало“ за 8 милиони денари (130.000 евра)?

На прагот ни се локални избори. Кој и да победи и стане градоначалник на која и да е општина, ако не соработува со другите, тешко дека ќе видиме промена во Скопје, освен промената на името на градоначалникот, кој и да биде.(Б.Б.)