(Галерија) Филхармонија го направи животот убав со концертот на филмска музика во Градски парк


Филхармоничарите синоќа го направија животот убав за присутните во Градскиот парк во Скопје на традиционалниот концерт на отворено. Прекрасните звуци од познати филмски теми го исполнија паркот, а посетителите за возврат ги наградуваа музичарите со громогласен аплауз.

 

Годинава концертот на отворено беше насловен „Животот е убав“, како и прекрасниот филм на оскаровецот Роберто Бенини од 1997 година и од кој беше изведена една од темите од Никола Пиовани која ги потсети присутните на ова филмско ремек дело. 

На програмата беше музика од познати италијански филмови, а изведбата беше надополнета со видеопроекции, односно од сцени од филмските дела, правејќи го овој спој на италијанската музика и филм уште повпечатлив. 

Низ паркот се разлеа звукот од темите на култниот филмот „Кум“, потоа „Љубовна тема“ од филмот „Ромео и Јулија“ и музика од „Јулија и духовите“ од Нино Рота, потоа омажот на Федерико Фелини, музика од филмот „Анонимен венецијанец“ на Стелвио Чипријани, „Кучешки свет” од Р. Ортолани/Н. Оливиеро, „Карузо“ од Лучио Дала, „Јулија и духовите“ од Армандо Тровајоли, „Звучен пејзаж“ од филмските теми на Енио Мориконе и суита од музиката за филмот „Мисија“.

 

Филхармонијата звучеше моќно под диригентската палка на Мириан Хухунаишвили од Грузија, а за извонредното доживување беа заслужни и сопранистката Саломе Џикија од Грузија, Марио Стефано Пјетродарки на бандонеон од Италија, како и хорот „ПроАрс“.

Концертот се реализираше со поддршка на Италијанскиот институт за култура во Белград и Италијанската амбасада во Скопје и со него се одбележаа 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Македонија и Италија.

(Фото: Борис Грданоски)